Фото: ДЗС

Состојбата со пожарот во атарот на селото Лознани во Општина Могила е алармантна, откако огнот се приближи до првите куќи во селото. Пожарот зафаќа долг огнен фронт кој се протега со километри, а во неговото гаснење се ангажирани битолските пожарникари и тимови за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, преку видео од терен информираше дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите од Битола, со помош и на неколку жители, била спречена поголема катастрофа.

-Опасноста продолжува. Од другата страна, од другиот рид, огнот повторно се спушта. Таму има друга екипа од битолските пожарникари. Постои опасност огнот од задната страна да загрози друго село, но верувам дека што се однесува до ова село, сè ќе биде во ред – изјави Ангелов.

Екипите остануваат на терен и продолжуваат со интервенцијата, додека опасноста од понатамошно ширење на пожарот сè уште е присутна.