Фото: ЕПА

Вкупно 446 туристи, жители и други лица кои попладнево се наоѓале во приморското место Сивири на првиот крак на Халкидики се евакуирани по морски пат поради големиот пожар што избувна во областа, јави дописничката на МИА од Атина.

Во евакуацијата биле вклучени чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба, приватни и рибарски чамци, како и траектот „Спидранер“, кој сообраќа на релација меѓу Солун и островите од групата Споради.

Пожарот сè уште не е целосно ставен под контрола, но вечерва состојбата е значително подобрена. Во меѓувреме, на Халкидики пристигнуваат дополнителни противпожарни сили од различни делови на Грција.

Според крајбрежната служба, 250 лица од плажата во Сивири биле безбедно пренесени во марината во Сани. Уште 196 лица се наоѓаат во траектот „Спидранер“, кој плови кон Солун, но засега не е познато дали тие ќе бидат префрлени во градот.

Поради пожарот, сообраќајот во поширокото подрачје на Сивири е прекинат. Возилата од Сивири се пренасочуваат кон Касандрија, додека сообраќајот од Фурка се пренасочува кон Касандрија, Полихроно и Скиони.

Пожарот избувнал околу 14 часот по локално време и брзо се проширил. Преку системот за итни случаи 112 биле испратени четири предупредувања до населението во поширокиот регион, од кои три биле поврзани со евакуација на Сивири и Фурка.

Лицата кои не успеале да го напуштат Сивири по копнен пат биле евакуирани од плажата, при што со себе ги понеле само најнеопходните работи.

Во акцијата учествувале патролни бродови и чамци на крајбрежната и противпожарната служба, како и најмалку девет приватни чамци. Неколку патролни бродови превентивно остануваат во Сивири и на плажата во Фурка.

Од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција соопштија дека е активирана и специјална платформа за обезбедување привремено сместување на лицата погодени од шумскиот пожар.

Според заменик-портпаролот на грчката противпожарна служба, Јанис Артопиос, двајца пожарникари се здобиле со полесни повреди, додека меѓу граѓаните нема повредени.

На теренот интервенираат 148 пожарникари со четири пешадиски тима и 54 возила. Во гаснењето учествуваат и 12 пожарникари од Молдавија со три возила, кои се во Грција преку европскиот механизам за цивилна заштита.

Од воздух се ангажирани девет авиони и три хеликоптери, од кои еден е задолжен за координација на операцијата. Во акцијата помагаат и цистерни од општина Касандра.

Дополнителни сили продолжуваат да пристигнуваат на Халкидики. Од Атина се упатуваат 40 пожарникари со авион Ц-27, а дополнителни пожарникари пристигнуваат и од Јанина, Александруполи, Козани, Волос и Кавала.

Во пошироката област се распоредени и шест возила на итната медицинска помош, мобилна медицинска единица, две возила и три мотоцикли за итна интервенција. Спасувачките и медицинските екипи се во зголемена оперативна готовност за да интервенираат доколку има потреба.