• Земја во фокус годинава е Шпанија, со избор од најавтентичните и највозбудливите остварувања на тамошната современа документарна сцена

„Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од најзначајните македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева. А годинава „Само сонот е стварност“ е и мото на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Од 20 до 27 август публиката ќе може да ужива во многубројната и разнолика понуда на документарни филмови во „Куршумли-ан“, Музејот на Македонија, „Сули-ан“, „Лабораториум“ и Албанскиот театар во Скопје.
– Горди сме што низ годините „Македокс“ израсна во фестивал на кој не се доаѓа само за да се гледаат филмови туку и за да се остане по филмот – да се разговара, да се запознаат авторите, да се разменат идеи и неколку дена вистински да се живее документарниот филм. Годинава имаме и една од најопширните дополнителни програми досега, надвор од самите филмски проекции – со мастеркласови, разговори, панели, работилници, програма под смоквата и индустрискиот сегмент „Макекопродокс“. Токму тоа сакаме да биде „Македокс“ – место на средба. Меѓу филмот и публиката, меѓу домашната и меѓународната документарна сцена, но пред сè меѓу луѓето – оние сонувачи што сè уште веруваат дека сонот може да стане стварност – изјави Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
На 17-то издание на „Македокс“ се очекуваат над сто гости од странство.
– Оваа година за нас не претставува само уште едно издание на фестивалот. Тука сме да се потсетиме зошто воопшто ни е потребен филмот, зошто ни е потребен сонот. Затоа „Само сонот е стварност“ – за нас не е само мото. Тоа е нешто што тивко го носиме во себе, нешто што нè оттурнува напред кога стварноста станува претесна, кога зборовите не се доволни, кога ни треба нешто повеќе – слика, звук, тишина… чувство. А филмот отсекогаш бил токму тоа. Еден сон што некој се осмелил да го сподели. Една вистина што некој ја почувствувал доволно силно за да ја зачува. И можеби токму затоа документарниот филм е толку близок – затоа што е направен од луѓе што длабоко чувствуваат и љубат. Ова издание е и тивка посвета. На една љубов кон филмот што не згаснува. На една мисла што продолжува да живее. На Илинденка Петрушева – нашата Бабе – која со својата заразна енергија изнедри генерации на посветени филмаџии и филмољупци и нè научи дека киното не е само простор туку и состојба на духот. Дека филмот не е само гледање туку и паметење, грижа и упорност.

Затоа ве поканувам – оваа година не само да гледате филмови, туку и да им се препуштите. Да дозволите да ве поместат, да ве вознемират, да ве утешат. И да понесете нешто со себе… Можеби некое прашање. Можеби некое чувство. Можеби еден нов сон – истакна Петрула Вељановска, програмски координатор на „Македокс“.
Фестивалот ќе биде отворен на 20 август во „Куршумли-ан“, со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Во целокупната програма на фестивалот се предвидени проекции на 71 филм, а ќе се одржат и македонските премиери на новите филмови на Милчо Манчевски и Елена Чемерска.
Програмата на фестивалот ќе се одвива во шест категории: „Главна програма“, „Нови автори“, „Земја во фокус: Шпанија“, „Кратки документарци“, „Студентска програма“ и „Програма за деца и млади“. На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.
Земја во фокус годинава е Шпанија, со избор од најавтентичните и највозбудливите остварувања на тамошната современа документарна сцена. Програмата се одликува со силен авторски печат, визуелна смелост и тематска разновидност, а ќе вклучи и избор на кратки документарни филмови од Канарските Острови и експериментални краткометражни дела од Перу.
Во програмата на фестивалот се предвидени: мастерклас со наслов „Сè што ги обликува документарците“ со Мигел Еек и Ксавиер Марадес; мастерклас со Алесандро Стелино со наслов „Збогум филмски критичари, здраво навивачи“ за исчезнувањето на една професија што никогаш не постоела; како и панел-дискусија за киното и за филмската критика со наслов „Филмска критика во ера на алгоритми?“, на која ќе учествуваат Марина Костова (Македонија) – филмска критичарка, потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, Марина Д. Рихтер (Австрија) – филмска критичарка, новинарка и фестивалска селекторка, Алфонсо Ривера (Шпанија) – филмски критичар, новинар и член на ФИПРЕСЦИ Шпанија, Муртада Елфадл (САД) – филмски критичар, новинар и селектор, додека мoдератор на панелот ќе биде Кристин Камдесу (Франција) – управна и уметничка директорка на ФИПАДОК. Овие настани ќе се одржат во „Лабораториум“.

Од 22 до 25 август ќе се одржи интензивна работилница за монтажа, под менторство на реномираните монтажери Касија Боњецка и Пер К. Киркегард, каде што фокусот ќе биде ставен на почетокот на филмот и ќе се истражува како почетната секвенца може да влијае врз неговата структура како драматуршка целина. Форумот „Макекопродокс“ е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативните документарни филмови на Балканот. Основан во 2019 година, како дел од 10-то издание на „Македокс“, Форумот прерасна во значајно место за средба на режисери, продуценти, филмски професионалци и претставници на филмските центри од целиот регион.
– Од 25 до 27 август ќе се одржи осмото издание на форумот „Макекопродокс“, кое ќе ги обедини директорите на националните филмски центри од Балканот, меѓународни филмски професионалци и тимовите на осум избрани документарни проекти во развој, кои во изминатиот месец беа дел од работилницата за развој на проекти под менторство на тројца интернационални ментори од индустријата, Виктор Еде, Зејнеп Ѓузел и Бриџид О’Ши. Во духот на годинашното фестивалско мото, форумот ќе се осврне на тоа како документарните соништа можат да се развијат и да стигнат до својата конечна форма, а завршените филмови до својата публика. За време на форумот ќе се одржат пичинг на проекти, средби на продуценти, доделување награди, јавна панел-дискусија со директорите на регионалните филмски центри, како и панел за француско-балканските копродукции и дистрибуцијата на балканските документарни филмови. Форумот „Макекопродокс“ продолжува да се развива како важна регионална точка за размена на знаења, создавање партнерства и отворање нови можности за соработка, финансирање и меѓународна видливост на регионалниот документарен филм – истакна Сара Ферро, раководителка на индустри-програмата на „Македокс“. С.Ј.