Министерството за внатрешни работи продолжува со истрагата за ширењето лажни информации на социјалните мрежи дека водата за пиење во Скопје е загадена со бактеријата Escherichia coli, пренесе МИА.
Од МВР за МИА информираат дека Секторот за компјутерски криминал презема мерки за утврдување на профилите од кои биле објавувани повиците граѓаните да не ја користат водата. Дел од лицата веќе се повикуваат на информативен разговор.
-По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста – велат од МВР.
Информациите за наводното присуство на опасната бактерија вчера масовно се ширеа преку социјалните мрежи и предизвикаа вознемиреност кај граѓаните. Тврдењата подоцна беа демантирани од Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ и Министерството за здравство.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција уверуваше дека скопската вода е безбедна за пиење и дека во неа не е утврдено присуство на Escherichia coli или други бактерии.
-Не постои ништо такво и јас одговорно тврдам дека ние имаме една од петте најдобри води и извори во Европа – изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека нема да дозволи да биде загрозено здравјето на граѓаните.
Тој оцени дека станува збор за злонамерни дезинформации со кои се создава паника во Скопје. Според него, претходно се ширеле и тврдења дека депонија оддалечена околу 30 километри од изворот Рашче би можела да ја контаминира водата.
Од ЈП „Водовод и канализација“ вчера беше објавен документ од направените анализи, со кој претпријатието ги демантираше информациите за присуство на Escherichia coli. Од таму посочија дека се направени и дополнителни анализи и дека водата во Скопје е исправна и безбедна за пиење и употреба.
МВР продолжува со утврдување на потеклото и начинот на ширење на информациите, а по завршувањето на истрагата најави дека јавноста ќе биде информирана за резултатите.



































