Фото: Пиксабеј

Циститисот е инфекција на мочниот меур, кој најчесто ги погодува жените. Во текот на летото може да биде почест поради дехидрација, зголемено потење и промени во секојдневните навики. Циститисот е форма на инфекција на уринарниот тракт што го зафаќа мочниот меур, а најчести симптоми се пецкање при мокрење, честа потреба за одење во тоалет, заматена или потемна урина и болка во долниот дел на стомакот. Се јавува кога бактериите влегуваат во уринарниот тракт и почнуваат да се размножуваат, а ризикот се зголемува со бременост, менопауза, недоволно внесување течности и ослабен имунитет.
Се проценува дека помеѓу 50 и 60 проценти од жените добиваат циститис барем еднаш во животот, додека околу една третина од жените се соочуваат со оваа инфекција до 24-годишна возраст.
– Кога сме дехидрирани, урината станува поконцентрирана, што може да го иритира мочниот меур и да го зголеми ризикот од развој на инфекција – објасни општиот лекар Бабак Ашрафи.
Во текот на летните месеци температурите често значително варираат. Ваквите промени може да влијаат на нивото на хидратација, имунитетот и растот на бактериите, што го зголемува ризикот од циститис. Дополнителен проблем се зголеменото потење, тесната облека и влажните костими за капење што се носат подолго време по капењето, бидејќи тоа го фаворизира развојот на бактерии во топла и влажна средина.