Западнонилската треска најчесто се поврзува со најтоплите месеци, но ризикот од инфекција не исчезнува кога ќе поминат јулските горештини. Напротив, најголем дел од случаите кај луѓето во Европа се регистрираат меѓу јули и септември, покажуваат податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC).
Причината е во начинот на кој вирусот се шири во природата. Западнонилскиот вирус циркулира меѓу птиците и комарците, најчесто од родот Culex. Комарецот се заразува кога каснува заразена птица, а потоа може да го пренесе вирусот на човек. Луѓето, за разлика од птиците, не играат значајна улога во понатамошното ширење на вирусот преку комарци, објаснува американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC).
Во текот на летото овој циклус има време да се засили. Топлото време им овозможува на комарците подолго да бидат активни, а со тоа се зголемуваат и можностите вирусот да циркулира меѓу нив и птиците. Затоа ризикот може да се натрупува во текот на сезоната и да стане поизразен кон нејзиниот крај.
Светската здравствена организација (WHO) во јули годинава предупреди дека условите што го поттикнуваат ширењето на западнонилскиот вирус во Европа се менуваат. Потоплите температури и подолгите лета им даваат на комарците повеќе време и поголема територија за пренесување на вирусот, посочуваат од организацијата
Затоа и крајот на летото не значи автоматски крај на ризикот. Европскиот центар за превенција и контрола на болести сезонски го следи западнонилскиот вирус од почетокот на летото, а податоците покажуваат дека неговата активност може да продолжи и во раната есен додека временските услови се поволни за комарците.
Институтот за јавно здравје прогласи епидемија на западнонилска треска во пет општини во Скопје и неколку населби
Според податоците на Институтот за јавно здравје, заклучно со 11 август се регистрирани 26 случаи, од кои два се водат како веројатни. Дури 22 од заболените се лица постари од 60 години.
Од ИЈЗ информираат дека станува збор за автохтони случаи, односно инфекции стекнати во земјава, со исклучок на едно лице кое патувало во Грција. Сите случаи се со невроинвазивна форма на заболувањето.
Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, информираше дека пациентите се лекуваат на Клиниката, која располага со потребните капацитети и дијагностика.
Четворица пациенти се суспектни и кај нив е во тек дијагностичка постапка, додека осум пациенти се пуштени на домашно лекување.
За жал, досега е регистриран и еден смртен случај. Станува збор за 83-годишен пациент кој, според Цана, имал и други заболувања.

































