Има работи за кои е апсурдно да постојат внатрешни поделби и кавги
- Македонија денес има потреба од внатрешна кохезија, а не од нови линии на поделба. Тука не се работи за враќање кон некакво едноумие, туку затоа што државата мора да има заеднички темели што не зависат од тоа кој во одреден момент е на власт. Партиите се менуваат, изборите доаѓаат и си одат, политичките концепти се натпреваруваат, но државата останува. И токму затоа нејзините најзначајни датуми, симболи и интереси мора да бидат над дневната политичка пресметка
Во динамичен свет во кој работите се менуваат брзо како никогаш досега, повеќе од важно е да постои внатрешно единство за да може државата да се заштити од егзистенцијалните атаки, кои стануваат нова реалност во овие денешни непредвидливи времиња. Меѓупартиската борба на програми, идеи, концепти, решенија и проекти треба да продолжи, како што и му прилега на едно демократско општество, но кога станува збор за националниот интерес, тука не треба да има никакви поделби. Токму преку таквото единство се испраќа најсилната порака дека постојат вредности околу кои не може да има компромис и дека никогаш нема да потклекнеме пред оние на кои очигледно македонството им пречи.
Македонија денес има потреба од внатрешна кохезија, а не од нови линии на поделба. Тука не се работи за враќање кон некакво едноумие, туку затоа што државата мора да има заеднички темели што не зависат од тоа кој во одреден момент е на власт. Партиите се менуваат, изборите доаѓаат и си одат, политичките концепти се натпреваруваат, но државата останува. И токму затоа нејзините најзначајни датуми, симболи и интереси мора да бидат над дневната политичка пресметка.
Празникот ни во сон не треба да е меѓусебна пресметка
Последните денови македонската јавност сведочи на една пресметка меѓу партиите од власта и опозицијата. Имено, наместо манифестациите по повод 35 години независност да бидат пред сè повод за потсетување на патот што го измина државата, во јавноста се отворија кавги меѓу власта и опозицијата, почнувајќи од видеоспотот, па сценографијата, знамето и слични елементи преку кои се одбележува јубилејот.
Од опозициските редови пристигнаа обвинувања дека власта го политизира одбележувањето, дека прославата се користи за партиска промоција и дека не се почитува доволно државниот карактер на датумот. Од власта, пак, следуваа реакции дека станува збор за обид за девалвирање на државниот настан и за политичко проблематизирање на нешто што треба да биде празник за сите граѓани.
Нема сомнеж дека секој од овие ставови може да се разгледува од својата политичка перспектива, но она што постојано се прашуваат македонските граѓани е дали по 35 години независност Македонија може барем на својот најзначаен државен празник да покаже дека постои нешто што е поголемо од партиите.
Јасно е дека ако и независноста стане простор за докажување кој е поголем патриот, кој има поголеми заслуги и кој подобро ја претставува државата, тогаш повторно се губи она што треба да биде суштината на празникот.
Државата и нацијата се над партиите
Македонската независност во овие 35 години не е дело на ниту една политичка партија. Таа е дело на народот.
Нацијата е онаа што ја понесе тежината на сите промени, реформи и кризи. Нацијата е онаа што живееше во транзиција, што ги почувствува економските последици од ембаргата и промените, што ги преживеа политичките кризи и што, без оглед на сите разлики, продолжи да ја гради сопствената држава.
Затоа е апсурдно денес една или друга политичка структура да претендира дека токму таа ја донела Македонија до некоја од нејзините најважни точки.
Не ја внесе Македонија во НАТО една партија, бидејќи тоа беше процес што траеше со децении. Исто така не почнаа европските процеси поради една партија. Не беше една партија прва што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација. Сите тие процеси се дел од една многу поширока државна историја во која свој печат оставиле повеќе влади, повеќе политички гарнитури, институции, дипломати, експерти и, пред сè, повеќе генерации граѓани. Секоја власт може да има свој придонес, секоја политичка гарнитура може да посочи на одредена одлука, потег или процес во кој учествувала, но тоа не значи дека државата е нивно партиско достигнување.
Мора да се има во предвид дека граѓаните на избори не избираат кој ќе ја сака државата повеќе, туку избираат кој ќе управува домаќински со неа. Тоа е суштинската разлика.
Кога индивидуата го дава својот глас, очекува избраните да работат во интерес на државата и нацијата. Не во интерес на партиската историја, партискиот рејтинг или личната политичка биографија.
Во спротивно, логично се поставува прашањето – зошто воопшто се изборите.
Ако секоја власт доаѓа со сопствена верзија на историјата, ако секоја опозиција ја оспорува и ако на крајот сите политички гарнитури ги мерат своите заслуги, додека државата и понатаму се соочува со исти или нови закани, тогаш политичката битка ја промашува својата суштина.
Кохезијата како државен интерес
Ова станува особено важно кога Македонија се соочува со блокада во евроинтеграциите и континуирани предизвици поврзани со јазикот, идентитетот, историјата и правото сама да ја толкува сопствената национална приказна. Во такви околности, внатрешната кохезија не е политички луксуз, туку таа е државна потреба.
Не станува збор за тоа власта и опозицијата да престанат да се критикуваат и да се согласуваат во сè. Здравата критика е повеќе од потребна оти демократијата без критика не постои. Критиката, кога е на место, придонесува некои погрешни потези да се поправат навреме. Но, од друга страна, мора да постои разлика меѓу борбата за власт и борбата за државните интереси.
– Може да има различни мислења за економијата, за даноците, за здравството, за образованието, за евроинтеграциите, за тоа како треба да се води надворешната политика, но кога станува збор за темелните прашања на државноста, мора да постои способност за заеднички став од кој никој нема да отстапува. Впрочем, ако не можеме да се обединиме ниту околу сопствената независност, како да очекуваме да ги почитуваме црвените линии кога ќе станува збор за јазикот, идентитетот, историјата и националните интереси – велат некои од соговорниците со кои го загатнавме токму ова прашање околу македонската разединетост.
Соговорниците дополнуваат дека во оваа наша Македонија има многу партии, но имаме само една држава.
– И таа држава не е ниту на власта, ниту на опозицијата. Не е на оние што денес управуваат, ниту на оние што утре сакаат да управуваат. Таа им припаѓа на сите генерации што ја создале, ја бранеле и ја граделе. Затоа 35 години независност не треба да бидат повод за мерење која партија колку направила, туку треба да бидат повод да покажеме дека, и покрај сите политички разлики, знаеме што е она што мора да го чуваме заедно – велат соговорниците.
Тие уште додаваат и дека големите државни датуми не треба да бидат ново бојно поле, туку треба да бидат момент во кој ќе покажеме дека Македонија е над партиите и пред нив.
– Само држава што знае што ѝ е заедничко може сериозно да ги брани своите интереси. А независноста, по 35 години, е токму такво нешто – не партиско достигнување, туку заедничко наследство и обврска на сите – заклучуваат соговорниците.

































