Со изведување на градежното вештачење за објектот „Пулс“ и распит на вештите лица кои го изработиле, денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На претходното рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, изнесе низа наоди од вештачењето, посочувајќи дека во „Пулс“ системот, институциите и поединците целосно потфрлиле.
Според Марковски, во објектот не биле почитувани стандардите, регулативата и процедурите, а од аспект на противпожарната заштита биле преземени „нула мерки“.
Од вештачењето, како што посочи, произлегло дека објектот немал ниту еден прописен излез за евакуација. Дополнително, според површината на објектот, капацитетот бил ограничен на 363 лица, додека во критичната ноќ во дискотеката имало над 600 посетители.
– Објектот немал каде да дише. Целата температура се задржувала внатре. Ниту една мерка немало преземено која би го олеснила ризикот или ефектите од појавата на пожарот – изјави Марковски.
Тој посочи дека одредени материјали и решенија во објектот дополнително ги зголемиле ризиците. При класификацијата на материјалите доставени до Градежниот факултет било утврдено дека во објектот имало стиропор, кој во најдобар случај може да се класифицира како нормално горлив материјал, при што испушта токсичен чад и горливи капки.
Другиот материјал, терволот или стаклената волна, спаѓа во класа А2, односно негорлив материјал, кој е стабилен до 800 степени Целзиусови.
Според Марковски, промената на бојата на материјалот укажува дека температурата во клубот достигнала најмалку 800 степени Целзиусови. Како дополнителен доказ, вештачењето ги посочило деформираните и извитоперени делови од челичната конструкција, како и стопените стаклени шишиња, што укажува на изложеност на екстремно високи температури.
Одговарајќи на прашање на обвинителот Дарко Јакимовски, Марковски истакна дека причинско-последичните врски се многубројни. Според него, вештаците не наишле на докази дека биле преземени соодветни мерки за ограничување на последиците – ниту преку изборот на материјали, ниту преку контрола, ангажирање и изработка на прописна документација, ниту преку ангажирање лиценцирани компании и стручен надзор.
Со денешното рочиште, според најавите, треба да заврши изведувањето на доказите од страна на Обвинителството.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Станува збор за една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија.
































