Etna vulkan
Фото: ЕПА

Илјадници туристи денеска останаа блокирани на Сицилија поради продолжената активност на вулканот Етна, кој петти ден по ред исфрла густи облаци од пепел, предизвикувајќи сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај, пренесе „Ројтерс“.

Најголеми последици има аеродромот во Катанија, еден од главните воздухопловни центри на островот. Поради густата вулканска пепел, денеска се дозволени само ограничен број слетувања и полетувања.

Рано утрово бил реализиран само еден лет, додека планираните пристигнувања се пренасочени или одложени за вечерните часови.

Според италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија, Етна од петокот непрекинато исфрла големи количества пепел. Истовремено, густи текови лава се спуштаат од два кратера, лоцирани на височина од околу 2.360 и 2.750 метри.

Во текот на изминатата ноќ е регистрирано и отворање на нов кратер, на надморска височина од околу 1.900 метри.

Етна, која се издига на повеќе од 3.300 метри, е најактивниот вулкан во Европа и поради честите ерупции е под постојан надзор на италијанските научни и надлежни служби.

Продолжената вулканска активност се случува во периодот на летната туристичка сезона, кога Сицилија ја посетуваат голем број странски и домашни туристи, што дополнително го зголемува притисокот врз воздушниот сообраќај на островот.