Високите температури можат сериозно да го загрозат здравјето, особено кај повозрасните лица, малите деца, хронично болните и бремените жени. Здравствените власти препорачуваат граѓаните да преземат мерки за заштита додека трае топлотниот бран.
Најважно е да се избегнува директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, кога УВ-зрачењето и температурите се највисоки. Доколку е неопходно да се излегува, се препорачува носење светла и лесна облека, капа со широк обод и очила за сонце, стои во соопштението од Светската здравствена организација (СЗО).
Организмот треба редовно да се хидрира. Пијте вода во текот на целиот ден, дури и кога не чувствувате жед, а избегнувајте алкохол, газирани и засладени пијалаци, како и прекумерни количини кофеин, бидејќи можат да придонесат за дехидратација.
Домот одржувајте го што е можно посвеж. Проветрувајте рано наутро и навечер, а преку ден затворете ги прозорците и спуштете ги ролетните или завесите за да се намали загревањето на просториите. Ако имате можност, користете климатизација, но не поставувајте ја температурата премногу ниско во однос на надворешната.
Исхраната треба да биде лесна и богата со овошје и зеленчук, а потешките и масни оброци да се избегнуваат во најтоплиот дел од денот.
Физичката активност и работата на отворено треба да се сведат на минимум во периодот на највисоки температури. Доколку мора да работите надвор, правете почести паузи во сенка и внесувајте доволно течности, препорачуваат од СЗО.
Посебно внимание треба да се посвети на повозрасните лица, хронично болните и оние што живеат сами. Редовно контактирајте ги и проверете дали имаат доволно вода, храна и разладен простор.
Никогаш не оставајте деца, стари лица или домашни миленици во паркирано возило, дури ни на неколку минути, бидејќи температурата во автомобилот може опасно брзо да се зголеми.
Доколку се појават симптоми како силна главоболка, вртоглавица, гадење, забрзан пулс, конфузија или губење на свеста, веднаш побарајте медицинска помош, бидејќи тие може да укажуваат на топлотна исцрпеност или топлотен удар, апелираат од СЗО.































