Што значи машинска послушност наспроти човекова лојалност?!

Сцена каде што човек останува да живее со машина, од уред му излегува антропоморфен холограмски лик, човек што живее со својот хуманоид, е многу чест фрагмент од научнофантастичните сценарија. Иако на ефемерно рамниште таквата сцена е крајно оптимистичка и го репрезентира „крајот“ на нетрпението помеѓу машините и луѓето, во својата прагматична длабочина, таа впрочем отвора длабоко и крајни непријатно прашање, а тоа е дали човекот, бегајќи од својата осаменост и разочарување во луѓето, ќе се потпре целосно на лојалноста на машината.
Прашањето што е централно во такви сценарија е дали може машината, која е програм,а целосно предвидлива и конструирана да им служи на човековите потреби, има слободна волја како услов да избере да му биде некому лојална.
Аристотел во првото цивилизациско дело посветено на етиката, наречено „Никомахова етика“, разликува три типа на пријателства. Пријателство од интерес е оној тип пријателство кога двајца можат преку бројки и материјализирани работи да ја посочат својата заемна врска или, поинаку кажано, конкретно пријателство, чие заедништво е опипливо и можете да го покажете со прст. Понатаму, пријателство засновано на задоволство. Тоа е она пријателство што им носи двострано задоволство на луѓето или тоа е оној тип на пријателство кога велиме дека се дружиме со некого само затоа што во негово/нејзино друштво ни е убаво. Третиот и етички најчистиот тип на пријателство е пријателство од доблест, кога пријателството опстанува само затоа што имаме емпатија, разбирање и меѓусебна толеранција. Тоа е оној тип на пријателство што го поминува тестот „и во зло“.
Честите приговори на денешниот човек дека пријателите исчезнуваат кога се населува лош период во нашиот живот се бегство кон недоверба, скепса во човечката доблест и потреба да се биде сам. Тоа непријатно чувство кога самотијата е избор поради разочараност го нарекуваме осаменост, како континуирана егзистенцијална состојба во која се наоѓа човекот, а токму таа осаменост сѐ почесто ја лекува четувајќи го ботови на ВИ.

Иднината прикажана во научнофантастичните сценарија во кои хуманоид му е друштво на човекот во тешки ситуации го отвора прашањето дали истиот хуманоид доколку можел да избере да биде во мое друштво. би го направил тоа или се наоѓа тука само затоа што е програмиран да биде послушен на моите потреби. Пофилозофски поставено прашањето би било дали лојалноста како круцијална вредност во пријателството има смисла доколку не е прашање на слободен избор.
Кант го поставува прашањето дали лојалноста треба да биде присутна доколку таа подразбира откажување од етичките начела на судење. Односно, доколку машините се програмирани да бидат во сервис на луѓето, дали со својата условно речено „лојалност“ кон нив прават лошо дело доколку не ги искритикуваат или спречат неморалните постапки кај луѓето?

Тука се поставува прашањето дали, пак, човекот ќе ја избере машината што му приговара, го одвраќа од неговите постапки и постојано му негодува за неговите избори. Прво, прашањето е дали човекот воопшто би ја послушал машината доколку таа му дава инструкции како да постапи во одредена ситуација, а второ дали навистина му треба „досаден“ дрдорко, кој наместо да служи на неговите потреби, ќе биде негово регулаторно тело.
Во својата филозофија на лојалноста Џосија Ројс тврди дека лојалноста е посветеност за нешто поголемо и повисоко од личниот интерес. Неговата филозофија важи за филозофија на чист идеализам, но Ројс тврди дека лојалноста по секоја цена може да биде штетна и злоупотребена. Доколку постои верност кон неправедна кауза, таквата ситуација може да стане опасна, да доведе до многу неетички и нелегални чинови. Според Ројс, вистинската лојалност не треба да ја уништува можноста и другите да бидат лојални на своите вредности.
Оттука, најголемото прашање на иднината можеби нема да биде дали машината може да му биде лојална на човекот, туку дали човекот, разочаран од непредвидливоста на другите луѓе, ќе ја замени вистинската лојалност со совршено програмирана послушност.

Магдалена Стојмановиќ-Константинов