Фото: Пиксабеј

Историски трилер

Истанбул 1923…
– Имаме договорен сигнал, драг господине – кочинарот се поднаведна за да го слушнат во кабината од пајтонот.
– Дали си сигурен, Карпис Карапетјан?
– Апсолутно, господине Гаврило Колароски.
– Престани да ме титулираш, човеку!
– Кога сме во акција, практикувам одредена дистанца.
– Марш!
Низ вратата од кабината се провре висок, силен маж. Во раката држеше бастун. Беше облечен во модерна облека од „времето на лудилото“ или времето на џезот. Беа тоа дваесеттите години од дваесеттиот век. Типот носеше црн елегантен капут, цилиндреста шапка и двобојни чевли „спектатор“. Под капутот, кусо сако и оксфордски балон-панталони од природен фланел. Врз кошулата во глинена боја носеше пеперутка вратоврска со арт деко шарки. Веќе исчезнуваа навиките од крутиот викторијански стил на облекување. Како и по секоја голема војна така и овој пат карактеристика на стилот на облекување беше видна опуштеност и префинетост. Всушност, тоа како да беше израз на душата преку чувството дека злото крстено како светска војна остана далеку во заднина.
– Каде?
– Ене, таму – Карапетјан покажа со рака.
– Не се гледа прст пред око – коментираше Колароски откако се симна од пајтонот. – Биди подготвен на сѐ.
– Добро ме познаваш, Гаврило – се насмеа Карапетјан.
Гаврило Колароски го провери нагантот и со долг чекор се упати кон светлината што се пробиваше од фенерот. На неколку чекори од него стоеше човек. Во далечина фркнаа неколку веди и ја осветлија разбрануваната морска шир.
– Господин Колароски?
– Да, јас сум Гаврило Колароски. Имам закажана средба со грофот Максим Ушански Смирнов.

– Грофот ве очекува во неговиот пајтон.
Во кабината владееше густа темнина. Човек сенка ја подаде својата рака во знак за добредојде на дојденецот.
– Како да започнеме? – праша со длабок баритон.
– Вам ви се потребни моите услуги, грофе. Јас само слушам.
– Вие сте познат по вашата професија, која е навистина необична, господин Коначар.
– Гледам дека ме знаете и по прекарот. Јас нема воопшто да се оградам од тоа, господин гроф. Мојата професија се гробници за кои се претпоставува дека кријат големо богатство. Мои клиенти се оние со високо родословие и со многу пари.
– Одлично! – грофот извади луле и запали. На главата носеше шапка „федора“. За миг, пламенот го осветли неговото лице. Од десната страна имаше видливи изгореници. Под деформираната зајачка рилка, виреа предните заби. – Пушите?
– Не, благодарам. Ослободен сум од тој порок.
– Значи… треба да влезете во гробницата во која е положено телото на мојата присестра Екатерина Гордеева.
– Тука, во Истанбул?
– А, не. Гробницата се наоѓа преку морето, во Одеса.
– Господин гроф, вие сигурно знаете дека тоа е земјата на Советите?
– Имам сознание дека вие долго време сте минале во Одеса. Од периодот на коначење кај познат ерменски трговец, па до револуцијата. Познат сте по прекарот Коначарот, нели?
– Јас воопшто не се сомневам во тоа дека вие сте ги обезбедиле потребните податоци за мене бидејќи ве сметам за човек со долга рака. Ајде да бидеме практични. Колку чини богатството што се крие во семејната гробница во која е погребана вашата присестра? Знаете, со доаѓањето на „црвените“ никој во Русија не смее да биде богат како за време на царштината. Државата плени и казнува лихвари и шпекуланти.
– Дозволете ми да бидам отворен со вас бидејќи ниту јас ниту вие нема што да криеме еден од друг. Интересот нека биде заемен. Освен другите скапоцености, во ковчегот на мојата присестра претпоставено е сместена една од фасцинантните изработки на мајсторот Петар Карл Фаберже. Јајцето е изработено во работилницата на Михаил Перхин во Санк Петербург во далечната 1902 година. Колку би ме чинела вашата услуга доколку успеете да ми го вратите назад? Тоа јајце е наша семејна реликвија.
Колароски се насмеа. Тој си ја почеша брадата.

– Знаете што? Не постои таква будалинка на светот што би се зафатила со еден ваков предизвик. Арно ама, јас сум човек што самиот си наметнува куп проблеми на грбот. Сакам невозможни мисии. Ова е голем предизвик за мене. И бидејќи во моментов по првата советска монетарна реформа во СССР, соодносот помеѓу рубљата и доларот е 10.000: 1, јас би бил задоволен со 10.000 долари во мојот џеб. Толку пари загуби мојот покоен добротвор за време на револуцијата. Потоа се реши да скокне од третиот кат на плочникот. Ова за да ѝ ја покријам штетата на неговата ќерка, која сега живее на Кипар и е во незавидна финансиска положба. Воедно, ова е шанса да си го покријам трошокот од мисијата.
– Навистина убава вест за дамата. Секако дека би се обидел да намалам на 8.000 долари но знам дека категорично ќе бидам одбиен. Бидејќи реликвијата има големо значење за семејството Смирнов, јас ќе го прифатам договореното.
– Во право сте, ваше благородство. За почеток 4.000 долари како аконтација, а потоа дефинитивна разврска со средување на сметките.
– Договорено, господин Коначар. Мој човек ќе ве побара во вашиот офис и потоа ќе ве доведе на средба со мене. Но… внимавајте добро. Не би сакал да сум во вашата кожа доколку се обидете да ме измамите.
– Зарем мислите дека јас би ви простил доколку се обидете да играте нечесно, почитуван гроф Смирнов?

Љубомир Јованоски-Кара