ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС
Во генералниот пласман, Погачар води со 56 часа 14 минути и 18 секунди, пред Евенепул, кој заостанува четири минути и 32 секунди
Еквадорскиот велосипедист Ричард Карапаз триумфираше на 18-та од предвидените 21. етапа на престижната трка Тур де Франс, додека Словенецот Тадеј Погачар го задржа водството во генералниот пласман. Карапаз ја заврши етапата долга 185,2 километри од Воарон до Орсје-Мерле за четири часа, 26 минути и 21 секунда, односно мина низ целта 45 секунди пред Швајцарецот Мауро Шмид и Американецот Матео Јоргенсон. За Карапаз (33) ова беше прва етапна победа на годинешниот Тур де Франс, а втора во неговата кариера. Тој го засили темпото на околу три километри пред врвот, на последното искачување до скијачкиот центар Орсје-Мерле и успеа да се одвои од своите ривали до целта.
Водечки во генералниот пласман и носител на жолтата маичка и понатаму е возачот од тимот на Емирати, Погачар (27), со вкупно време од 64 часа, 35 минути и 13 секунди. Втор е Белгиецот Ремко Евенпул од тимот на Ред Бул Бора, со заостанување од четири минути и 32 секунди, а трет е Мексиканецот Исак дел Торо исто така од тимот на Емирати, кој доцни шест минути и 51 секунда. Следната 19-та етапа се возеше вчера од Гап до Алп-д`Оз, во должина од 127,9 километри.
Ако Погачар биде севкупен победник, тој ќе стане најуспешниот велосипедист во историјата на Тур де Франс со пет победи, заедно со Французите Жак Анкетил и Бернар Ино, Белгиецот Еди Меркс и Шпанецот Мигел Индураин. Г.И.
































