Прашањата во контекст на човековите права, а уште потесно во контекст на непочитта на човековите права на Македонците што живеат на територијата на Бугарија, се прашања што ние ги активираме постојано и на кои сме многу ангажирани преку нашето работење во Советот на Европа – рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Прашањето за човековите права, вели тој, е многу значајно во делот на функционирањето на оваа институција, со чиј Комитет на министрите земјата ќе почне да претседава од 2028 година.
Министерот Муцунски нагласи дека како државна институција е активна во сè што е поврзано со примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
– Ние сме прилично активна земја по повеќе предмети, но, меѓу другото, и предметите поврзани со ОМО „Илинден“ – ПИРИН и со други невладини организации на територијата на Бугарија. За жал, поради долгогодишна грешка пред 15, 20, па и повеќе години, ние не сме странка во тие постапки, иако сме можеле да бидеме, но тоа било погрешна одлука донесена во тој период. Меѓутоа, како земја членка на оваа организација имаме право да даваме свој импут и свои гледишта и тоа активно го правиме во Комитетот на министрите, каде што инсистираме на доследно спроведување и целосно имплементирање и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права бидејќи тоа го сметаме како значајно цивилизациско достигнување во денешна Европа – рече Муцински во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Појасни дека ние го преземаме претседавањето со Советот на Европа во 2028 година и оти периодот од една и пол година ќе биде искористен за подготовки.
– Ние веќе влегуваме во процес на подготовка за тоа претседавање. Презентираме наши приоритети, разговараме и со земјите што биле претседавачи пред нас или ќе бидат по нас за колку што може повеќе да имаме и координирани приоритети во рамките на тоа претседавање, така што тоа е еден процес за кој ние од мултилатерална гледна точка и како институција, но и како држава, постојано се подготвуваме – рече Муцунски, пренесува МИА.



































