Божиќните приказни за духови се традиција, која оди поназад дури и од божиќните песни
Ибанезер Круџ не е првиот фиктивен лик што гледал духови за време на Божиќ. Традицијата за празнични приказни за духови оди многу поназад, можеби и пред самиот Божиќ. Како што ноќите стануваат подолги и крајот на годината сѐ повеќе се ближи, природно е луѓето инстинктивно да чувствуваат потреба да се собираат. На крајот на годината, нормално е да помислиме на луѓе и места што веќе не се дел од нашите животи.
Така се раѓа и „Божиќната приказна за духови“, чие потекло нема речиси никаква поврзаност со комерцијалниот Божиќ, кој се слави уште од викторијанската ера. Станува збор за приказни што раскажуваат за многу помрачни нешта: зима, смрт, преродување… но се спакувани во удобноста на празникот.
– Божиќ, онака како што сега се слави во Европа и во САД, потекнува од паганското славење на краткодневицата и фестивалот познат како „Јуле“. Најтемниот ден во годината се сметал за време кога мртвите имале добар пристап до живите – изјавил професорот по религиски студии Џастин Даниелс за „Омниа“, блог на Универзитетот во Пенсилванија.
Божиќ како празник содржи коктел од елементи што повикуваат духови.
– Ова се кратките денови во годината и чуден спој на пагански обичаи и големи религиозни обреди – пишува Колин Флеминг за „Париз ривју“.
Но, уште пред Чарлс Дикенс да излезе со „Керол“ (1863), традиционалниот Божиќ веќе полека изумирал.
– За најголем број луѓе, тоа било работен ден. Индустриската револуција значела помалку слободни денови за сите, а Божиќ се чинел толку неважен, што никој не се побунил – посочуваат од „Тавистор букс“.
Намалувањето на одморот се случило благодарение на Оливер Кромвел.
– Кромвел, заштитникот на Англија во 17 век и пуританец беше на мисија да ја исчисти нацијата од нејзините најдекадентни ексцеси – пишува Клеменси Бартон-Хил за „Гардијан“.
На врвот на листата биле Божиќ и сите негови свечени орнаменти.
Пред тоа, пишува тој, Божиќ бил прославуван многу слично како модерниот Божиќ со многу храна и пијалаци, со украси и со пеење.
– Средновековните луѓе од Велика Британија и од други места исто така имале приказни за божиќните духови – пишува авторот и експерт за приказни за духови, Џон Канеко-Џејмс на неговиот блог.
Но со појавувањето на „Божиќната песна“ во речиси исто време со појавата на комерцијалните божиќни картички и бизнисот на 19 век, кој бил во потрага по нов комерцијален празник, Божиќ добил шанса за оживување во Британија. Така настанале приказните за духови по кои британскиот Божиќ подоцна станува популарен.
Оваа традиција си прави пат и во модерните времиња, како на пример, во текстот на класичната „Најубавото време од годината“, кој зборува за „страшни приказни за духови“.
Но иако сега нам ни изгледа дека Ноќта на вештерките е подобар празник за духови, Божиќ исто така има смисла. Како што напишал Дикенс, божиќните духови се минато, сегашност и иднина, кои се вртат околу нас додека годината завршува. Тие се потсетник дека сите сме цело време опседнати од добри и зли духови и тие имаат нешто да ни кажат.