Фото: ЕПА

Повод: Претседателот на Унгарија потпиша указ за уставни измени, претходно усвоени во унгарскиот парламент, со кои му престанува и неговиот мандат како шеф на државата

  • По убедливата победа на изборите во април годинава, партијата Тиса на Петер Маѓар доби двотретинско мнозинство во парламентот, што е доволно за менување на Уставот без поддршка од опозицијата. Тоа мнозинство претставува најсилен политички мандат во Унгарија од падот на комунизмот. Маѓар не крие дека неговата цел не е само промена на владата туку „демонтажа на институционалниот систем што Виктор Орбан го градел повеќе од една и пол деценија“

Пишување набрзина на ново политичко-правно поглавје во една држава речиси никогаш не минува без турбуленции. Тоа деновиве најдобро се гледа во Унгарија, каде што новата влада на Петер Маѓар направи потег без преседан во поновата европска историја. Имено, унгарскиот парламент усвои уставни измени со кои му престанува мандатот на актуелниот претседател Тамаш Шуљок. Самиот претседател Шуљок, иако јавно се спротивстави на набрзина подготвените уставни измени, беше принуден да ги потпише. Иако сѐ е процедурално исправно, уставните измени сами по себе изгледаат како политички реваншизам, а секако се еден интересен политичко-правен парадокс во кој шефот на државата потпишува документ со кој самиот се разрешува!?

Унгарскиот премиер не крие дека неговата цел е „демонтажа на институционалниот систем што Виктор Орбан го градел повеќе од една и пол деценија“

По убедливата победа на изборите во април годинава, партијата Тиса на Петер Маѓар доби двотретинско мнозинство во парламентот, што е доволно за менување на Уставот без поддршка од опозицијата. Тоа мнозинство претставува најсилен политички мандат во Унгарија од падот на комунизмот. Маѓар не крие дека неговата цел не е само промена на владата туку „демонтажа на институционалниот систем што Виктор Орбан го градел повеќе од една и пол деценија“.
Според новиот премиер Маѓар, во текот на изминатите години партијата Фидес (на Орбан) создала „државен апарат исполнет со луѓе лојални на поранешниот премиер Орбан и во судството, обвинителството, Уставниот суд, јавните медиуми и претседателската институција“. Според Маѓар, со таква поставеност, дури и по изборниот пораз, Орбан би можел индиректно да влијае врз државните институции уште со години.
Според нашите соговорници со кои се консултиравме, „токму таму лежи и објаснувањето зошто претседателот Тамаш Шуљок стана прва цел на реформите“…
– Тамаш Шуљок беше избран во времето кога Фидес имаше апсолутна доминација и важеше за човек близок до тогашната власт – велат тие, образложувајќи ги уставните измени во унгарскиот највисок политичко-правен акт, при што сликовито опишуваат мошне интригантна ситуација во која претседателот на Унгарија, Тамаш Шуљок, потпишал акт за свое сменување.

Последиците од уставните измени

Целта на реформите, според нашите соговорници, претставува враќање на институционалната рамнотежа.
– Погледнато низ политичката диоптрија на владата на Маѓар, ова не е чистка, туку враќање на институционалната рамнотежа. Покрај престанокот на претседателскиот мандат, уставните измени воведуваат ограничувања на мандатите на пратениците, реформи во уставното судство и механизми за истражување на злоупотребите од претходната власт. Според нивната логика, ако институциите биле политички заробени, тогаш само длабоки уставни промени можат да создадат услови тие повторно да бидат независни – велат нашите соговорници.
Токму тоа е аргумент што има свои силни поддржувачи во либералните елити на Брисел, особено по долгогодишните критики од нивна страна дека „за време на владеењето на Орбан биле нарушени принципите на владеење на правото“, образложуваат наши соговорници, правни експерти и политички аналитичари.

Аргументот на (не)владеење на правото и поткопувањето на правната сигурност

Правните експерти предупредуваат дека овие брзи промени кријат една многу опасна дилема.
– Имено, ако денес парламентарното мнозинство може со уставна измена да му го прекине мандатот на претседателот затоа што „не му верува“, тогаш што ќе ја спречи некоја идна власт да го направи истото тоа со секој следен претседател – прашуваат нашите соговорници.
Токму тоа е главниот аргумент и за шефот на државата на Унгарија, Шуљок. Иако го потпиша амандманот, тој изјави дека не се согласува со неговата содржина и дека смета оти ваквиот чекор ја поткопува правната сигурност и создава опасен преседан. Наедно оцени дека, како претседател, немал уставна можност да го блокира законот.
– Оваа позиција отвора многу пошироко прашање, односно дали демократијата се брани со исклучителни мерки кога институциите се веќе нарушени или токму тогаш треба најстрого да се почитуваат процедурите – повторно отвораат една интересна дилема нашите соговорници.

Европска лекција

Настаните во Будимпешта веројатно ќе станат предмет на изучување и надвор од Унгарија. Во последните години, Брисел главно зборуваше за „демократско назадување и концентрација на моќта кај Орбан“, но многу влади во ЕУ, но и пошироко во светот (Трамп, Путин…) токму во врска со ова зборуваа за јакнењето на суверенистичкиот пристап и одбрана на националните интереси, кои беа битно загрозени од неолибералните доктрини и растечките трендови на релативизирање на универзалните вредности, како индивидуални така и колективни. Орбан во еден таков контекст беше ставан на челната позиција на европските лидери, кои се спротивставуваа на концептот на „ЕУ како наддржава“, потоа и „против глобализацијата и на зелената транзиција“… Во таков контекст, Орбан, ставајќи ги во преден план националните интереси, ги устројуваше Унгарија и правниот систем во државата.
– Денес, со новата унгарска влада и апсолутното парламентарно мнозинство, пак, се отвора уште прашање – колку далеку смее да оди една нова демократски избрана власт во демонтирањето на наследениот систем. Случајот со Тамаш Шуљок не може едноставно да се опише како „претседател си го укина мандатот“. Тој потпиша уставни измени што претходно ги усвои парламентот со потребното двотретинско мнозинство и притоа јавно соопшти дека не се согласува со нив. Политички гледано, Унгарија влезе во нова фаза. Сега, прашањето е дали новата власт ќе успее да изгради поцврсти демократски институции или, во обидот да го направи државниот систем по свој терк, ќе создаде нов модел во кој секое идно двотретинско мнозинство ќе може да ја прекројува државата според сопствените потреби – велат нашите соговорници, правни експерти и политички аналитичари што сакаа да разговараат на оваа тема.
Одговорот на тоа прашање нема да го даде само Унгарија. Ќе го следи цела Европа. П.Р.