Вие ни пишувате
Во рамките на годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“, нашиот познат уметник и хуманист Живко Поповски-Цветин, заедно со најмалиот добитник на Цветиновата награда за мир Јордан Невчев и познатата оперска пејачка Серафина Фантаузо, која ја интерпретираше песната „За сите деца“, ја пушти цветната порака за мир за сите деца во светот под дрвениот мост на истекот на реката Црн Дрим.
– Од дрвениот мост, каде што Дрим си го наоѓа патот свој, ја пуштаме оваа порака за мир, нека тече љубовта, нека стивне секој крик, на детското лице да грее само мирен лик – порачаа тие.
Во лобито на хотелот „Дрим“, пак, исто така во рамките на СВП, беше отворена изложбата насловена „Цвеќе, поезија, мир“ на Живко Поповски-Цветин, по повод неговото четириесетгодишно континуирано учество на оваа наша престижната поетска манифестација. На изложбата беа поставени 40 негови уметнички слики (цвеќиња на мирот) и 40 факсимили од добитници на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, на наградата „Браќа Миладиновци“ и на други наградени поети.
Детските соништа под дрвениот мост на Црн Дрим
На прагот од стариот,
уморен свет,
не никнува крик,
туку тивок цвет,
со боја на надеж,
со мирис на спас,
за мир во светот на секое дете
– за секој од нас!
И додека денот
сѐ уште спие,
а зад завесата стара
сонцето срамежливо
се крие,
најмалиот меѓу нас,
како лек
– ја праќа пораката за мир
во бескрајот бел,
да плови заедно
со јагулата
за да ги прегрне
сите деца низ
целиот свет!
Авторка: Цветанка Невчева
































