Фото: КФМ

ЕП 2026, ДИВИЗИЈА Б, ЗА КОШАРКАРИ ДО 20 ГОДИНИ

  • Црвено-жолтите на првенството имаа вкупен биланс од пет победи и два пораза

Машката репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години, со убедлива победа со 91-81 славеше против БиХ и со пласман на деветтото место го заокружи настапот на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, кое се одржа во Братислава (Словачка).
Тоа беше трета победа на црвено-жолтите во низа во разигрувањето за пласман, со што избраниците на селекторот Никола Велев го заокружија првенството со вкупен биланс од пет победи и два пораза.
Најефикасен во македонскиот состав на дуелот со БиХ беше Сергеј Младеновски со 17 поени, Марко Луканоски постигна 15, Бојан Димитриев 12, а Коста Ќириловски уфрли 10 поени.
Македонија во групата А славеше на дуелите со Словачка (71-63) и со Азербејџан (67-57), а загуби од Ирска (56-69) и од Шведска (64-86). Во разигрувањето за пласман од деветтото до 16. место беа победени Грузија (97-62), Холандија (89-60) и БиХ (91-81).
Во конкуренција на 21 селекција, златото го освои Украина (со сите седум победи), а во финалето го совлада Исланд (74-64). Во дуелот за бронзата Шведска ја победи Португалија (75-68). Првите три селекции идната сезона ќе играат во Дивизијата А. Г.И.