ТЕНИС
- Голема почит кон Зверев, бидејќи тој прави нешто неверојатно. Неговата игра расте и расте. Секогаш имате некој што ве турка до крајни граници. Се надеваме дека и Алкараз ќе се врати, бидејќи тенисот има потреба од него. Да го имате Ѓоковиќ уште тука, да ги имате сите млади играчи што доаѓаат, навистина е убаво. Во исто време, секогаш треба да работите напорно, рече Синер
Совршено поставен победнички удар со лоб од вртење што замина надвор од дофатот на неговиот противник висок 1,98 метар и слета на надворешната страна од основната линија во вториот гем. Секако, имаше многу од вообичаените брзи, победнички удари од основната линија од Јаник Синер во неговата победа во четири сета на дуелот со Александар Зверев во финалето на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Сепак, тој ја покажа и новата разновидност на својата игра, што му беше од корист кога Зверев ослободи повеќе моќ отколку што користеше претходно против највисокорангираниот играч.
Разновидноста на ударите беше она што двајцата тренери на Синер, Дарен Кејхил и Симоне Вањоци, најмногу го ценеа кај својот играч во натпреварот неодамна. Исто како и т.н. Голема четворка пред нив, Роже Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, така Синер, Зверев и Карлос Алкараз (кој е повреден) постојано ги развиваат своите игри, забележа Кејхил.
– Александар сега игра различен стил на тенис против Јаник. Знаеме дека Јаник ќе мора да се подобри во одредени области за да се справи со таков тип игра. Карлос ќе се врати навистина силен, како што сите се надеваме… Треба постојано да додавате работи во играта. Видовме многу работи што вообичаено не сака да ги прави, дури и во финалето: исечени бекхенди, неколку лоба, неколку скратени топки.
Навистина се засили кога му требаше во големите моменти – рече Кејхил
Втората последователна победа на Синер на Вимблдон ги изедначи двете титули што Алкараз ги освои пред него на тој турнир и го зголеми неговиот вкупен број на пет гранслем-титули, намалувајќи ја разликата до седумте на Алкараз. Алкараз ги пропушти Ролан Гарос и Вимблдон годинава поради повреда и останува нејасно дали ќе се врати на време за последниот гранслем-турнир годинава, САД опен, пишува АП.
Со настапот во Лондон, Зверев го прескокна Алкараз на второто место на новата ранг-листа по турнирот. Настапот на Зверев на трева следуваше по неговата прва гранслем-титула на Ролан Гарос неодамна.
– Голема почит кон Зверев, бидејќи тој прави нешто неверојатно. Неговата игра расте и расте. Секогаш имате некој што ве турка до крајни граници. Се надеваме дека и Алкараз ќе се врати, бидејќи тенисот има потреба од него. Да го имате Ѓоковиќ уште тука, да ги имате сите млади играчи што доаѓаат, навистина е убаво. Во исто време, секогаш треба да работите напорно – рече Синер. Н.М.
































