Изложбата „Архитектура на невидливото“ (просторна инсталација) на Страхил М. Петровски е поставена во Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Проектот ја конструира својата естетика преку тензии и дијалози: светло и темнина, трага и празнина, присуство и одложено појавување.
– Просторот не е сцена за човечкиот поглед; гледачот е учесник во сложена динамика на траги и одрази, каде што секој момент на визуелно откривање се среќава со сопствената кршливост. Делата не нудат јасни одговори – тие создаваат континуирана состојба на интроспекција, повикувајќи го гледачот да ги почувствува текот на времето, распадот и присуството како феномени што се истовремено материјални и концептуални. Во синтезата од стари и нови дела во овој проект се создава дијалог меѓу акумулираната меморија и современите експерименти. Старите дела носат траги на време и процес, додека новите ги преиспитуваат истите теми низ радикални визуелни стратегии и материјални интервенции. Со тоа се создава своевидна тензија меѓу вечните дуализми – трајноста и распаѓањето, меѓу тоа што е заборавено и тоа што е во процес на појавност – вели авторот за изложбата.
Според него, во својата суштина, инсталацијата е покана за медитација на кревкоста на постоењето, за дијалог со минливоста, но и за преиспитување на самата природа на визуелната форма и на присуството. Изложбата ја претставува интензивната визуелна и филозофска рефлексија за минливоста, траги на времето и присуството на човекот во материјата. Во овој контекст, спојот на стари и нови дела не е само хронолошки пресек на авторската пракса туку длабок и интимен дијалог меѓу различни онтолошки состојби.
– Синтезата од стари и нови дела создава дијалектичка тензија: присуство и исчезнување, трајност и распад, меморија и момент. Тука прашината од минатото се среќава со сенките на иднината. Гледачот станува учесник во постојаното преиспитување на времето, материјата и субјектот, каде што секое дело не е само самостојна форма, туку дел од комплексна мрежа на траги и одрази. Овој проект ја истражува уметноста како процес на континуирано трансцендирање во времето и просторот, каде што старото се обновува низ новото, а новото ја рефлектира сенката на старото, создавајќи длабока, емотивна и филозофска рефлексија на човечкото постоење – вели Петровски.
Автор на текстот за изложбата е Зоран Пејковски, кој вели дека изложбата се развива како просторен ритам, како архитектура составена од визуелни паузи, материјални акценти и внимателно дозирани тишини.
– Впрочем, и насловот „Архитектура на невидливото“ произлегува токму од ова разбирање на просторот. Архитектурата овде не означува градење физички форми, туку обликување односи, а невидливото не претставува мистична категорија, ниту пак апстрактна метафора. Туку, тоа е сето она што не може директно да се именува, а сепак е суштински дел од визуелното искуство: ритамот меѓу формите, енергијата на материјалот, меморијата на гестот, тишината меѓу боите, времето впишано во површината. Па, според тоа, авторот не се обидува да ги прикаже овие состојби, туку тој создава услови тие да бидат почувствувани – вели Пејковски.
Според него, изложбата „Архитектура на невидливото“ не треба да се доживува само како репрезентативен избор на дела од еден зрел авторски циклус, туку таа претставува внимателно осмислен визуелен проект што ја отвора можноста повторно да размислуваме за природата на сликата, за улогата на материјата, за значењето на тишината и за вредноста на внимателното гледање. Во тоа се состои и нејзиниот најголем придонес: не нуди конечни одговори, туку создава интелектуален и естетски простор во кој прашањата остануваат живи. А токму таму, каде што уметноста продолжува да поставува прашања наместо да ги затвора, започнува нејзината вистинска трајност. В.Д.
































