- На ШО во 2024 година, Тони Лазов освои сребрен медал на втората табла, освојувајќи 7,5 поени од осум партии и стана најмладиот носител на олимписки медал во историјата на македонскиот шах
Познати се составите на машката и на женската репрезентација на Македонија за 46. Шаховска олимпијада (ШО) во Самарканд (Узбекистан, од 15 до 27 септември). И во двете селекции има по една измена од претходната ШО, во Будимпешта, во 2024 година. Новиот селектор на машката репрезентација, ВМ Трајко Недев, се одлучи за проверени млади сили, во однос на ШО 2024 го нема ВМ Евгени Романов, а ново име е искусниот ИМ Филип Панчевски. Распоредот по табли ќе се одлучи пред самиот почеток на ШО. Вчера беше последниот ден за пријавување, па конечниот број учесници наскоро ќе биде познат, како и нивното рангирање.
– Сите репрезентативци се на рејтинг-листа на ФИДЕ. Активни се, најмлади, искусни и најсилни кај нас. Со оглед на тоа дека сме многу паднати со рејтинзите, нема да ме изненади ако на крајот бидеме пласирани пред стартниот број, оти сите наши репрезентативци се појаки од рејтингот што во моментов го имаат. Сакам да напоменам дека избирав состав стриктно со шаховски параметри, како дел од мојот критериум, односно како треба да се прави тоа и во иднина. ВМ Евгени Романов нема да настапи на ШО, оти веќе имал склучен договор како тренер на израелската репрезентација – вели Недев, кој досега бил само еднаш на оваа функција, на ШО 2022 во Индија.
Женската репрезентација и понатаму ќе ја предводи селекторот, ФМ Љубиша Андоновски, кој на оваа функција беше и на претходните две ШО (2022 и 2024). Ново име во репрезентацијата во однос на 2024 година е Катерина Петровска, која доаѓа на местото на Леа Ефтовска.
– Секако дека очекувам шахистките добро да се претстават, а тоа значи да играат борбено, оти за мене ова е најдобриот состав во моментов и верувам во нивните квалитети. Добро се познаваат, ова е истиот состав што беше пет места подобро пласиран на Европското првенство во Црна Гора 2023 година. Ново име во репрезентацијата во однос на минатата ШО е Катерина Петровска, но очекувам за три-четири години да имаме и нови млади репрезентативни сили – вели Андоновски.
На ШО во 2024 година, Тони Лазов освои сребрен медал на втората табла, освојувајќи 7,5 поени од осум партии и стана најмладиот носител на олимписки медал во историјата на македонскиот шах. Во Будимпешта, машката репрезентација пред почетокот беше рангирана на 62. место, а го освои 61. место меѓу 188 држави, со 12 поени (27,5 поени по табли). Женската селекција беше рангирана 57., а на ШО ја освои 77. позиција меѓу 169 селекции со 11 бода (24,5 по табли). Кај мажите прва беше Индија, пред САД и Узбекистан, а кај жените славеше Индија, пред Казахстан и САД. Г.И.
СОСТАВ НА МАКЕДОНСКИТЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ
ШАХИСТИ
ИМ Филип Панчевски (2.430)
ИМ Емил Ристески (2.408)
ИМ Тони Лазов (2.391)
ФМ Антон Златков (2.388)
ИМ Никола Николовски (2.388)
Селектор: ВМ Трајко Недев
ШАХИСТКИ
ЖФМ Моника Стојковска (2.076)
ЖФМ Моника Жежовска (2.012)
ЖФМ Ивана Манова (1.938)
Катерина Петровска (1.888)
Сања Трајковска (1.900)
Селектор: ФМ Љубиша Андоновски во заградите се рејтинзите
































