Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи соопшти дека СВР Куманово поднело кривична пријава против две жителки на Куманово, на возраст од 22 и 34 години, кои измамиле 19 лица, земајќи брзи кредити во нивно име. Со измамата стекнале противправна имотна корист од 10.820.000 денари, односно околу 175.000 евра.

Полициски службеници денеска ги лишиле од слобода А.С.Д. (22) и М.В. (34). Против А.С.Д. е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела „измама“ од член 247 став 4 и „злоупотреба на лични податоци“ од член 149 став 1 од Кривичниот законик, додека против М.В. е поднесена пријава за кривично дело „помагање“ од член 24 од Кривичниот законик.

Според МВР, првоосомничената, со однапред подготвен план и со намера да прибави противправна имотна корист за себе и за второосомничената, во периодот од јануари до јули 2026 година во 19 наврати ги злоупотребила личните податоци на 19 лица.

-Без нивна согласност и овластување, користејќи ги нивните лични податоци, таа во нивно име аплицирала за брзи потрошувачки кредити, а по нивното одобрување и исплата, средствата биле противправно присвоени од страна на двете осомничени – се наведува во соопштението на МВР.

Од Министерството додаваат дека второосомничената постапувала по претходен договор и ѝ помагала на првоосомничената во реализацијата на измамата, преземајќи дејствија што овозможиле извршување на кривичното дело.