Во услови на сѐ почести и пософистицирани сајбер закани, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), во соработка со Амбасадата на САД, презема мерки за зајакнување на заштитата на енергетската инфраструктура, пренесе МИА.
На денешниот состанок во Министерството се разговарало за конкретни активности за воспоставување на Energy CSIRT (Computer Security Incident Response Team) – секторски тим за одговор на сајбер инциденти во енергетскиот сектор.
На состанокот присуствувале претставници на Министерството за дигитална трансформација, како и на МЕПСО, ЕСМ, ЕВН, НОМАГАС, МЕМО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Од Амбасадата на САД присуствувал Кристијан Доршнер, како и Методи Хаџи-Јанев од CRDF Global и Стивен Њутон, советник за сајбер безбедност во Министерството за дигитална трансформација.
-Енергетската безбедност и сајбер безбедноста се неразделно поврзани. Воспоставувањето на Energy CSIRT претставува инвестиција во отпорноста, стабилноста и безбедноста на државата. Како одговор на сѐ почестите сајбер закани насочени кон енергетските системи, неопходно е да изградиме механизам што ќе овозможи навремено откривање, координиран одговор и ефикасна размена на информации за сајбер инциденти – било истакнато на состанокот.
Како дел од владиниот CSIRT, Energy CSIRT ќе го координира одговорот на сајбер инциденти, ќе врши анализа на заканите и ќе работи на зајакнување на сајбер отпорноста на критичната енергетска инфраструктура.
На средбата било нагласено дека Energy CSIRT не треба да се гледа само како техничка структура, туку како платформа за соработка меѓу операторите на критичната инфраструктура, државните институции, регулаторните тела и меѓународните партнери.
Покрај формирањето на Energy CSIRT, предвидено е и воспоставување специјализиран OT Центар за обука, наменет за развој на човечките капацитети во областа на оперативните технологии и индустриските контролни системи.
Целта е да се обезбеди координиран одговор на сајбер инциденти, размена на информации за закани и ранливости, поддршка при управување со инциденти, развој на стандарди и добри практики, како и организирање вежби и тестирање на подготвеноста на институциите.
Од Министерството порачаа дека ќе продолжат да ги следат светските трендови и добрите практики со цел воспоставување одржлив и ефикасен систем за сајбер безбедност во енергетскиот сектор.
































