Апелациониот суд Скопје ги потврди доживотните казни затвор за Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Воедно, судот ја укина ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и предметот го врати на повторно судење, пренесе МИА.
Одлуката е донесена на нејавен дел од седница одржана на 10 јули годинава, откако Апелациониот суд на 11 мај одржа јавна седница по поднесените жалби.
Апелација ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 25 јуни 2025 година во делот што се однесува на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски, кои беа прогласени за виновни за кривичните дела убиство, грабнување и убиство, извршени во соизвршителство, за што им беше изречена казна доживотен затвор.
Во однос на Александар Ѓорчевски, Апелациониот суд ја укина првостепената ослободителна пресуда за кривичното дело грабнување и предметот го врати на повторно постапување и одлучување пред Основниот кривичен суд Скопје.
Од Апелациониот суд информираат дека, поради обемниот доказен материјал и сложеноста на предметот, во тек е изработка на писмената одлука, која по нејзиното финализирање ќе биде објавена на веб-страницата на судот.
Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Палевски, Манев, Видевски и Кешишев на доживотен затвор за грабнувањето и свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, додека Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.
Според обвинението, обвинетите го испланирале грабнувањето на 14-годишната Вања со цел да изнудат пари за откуп од член на нејзиното потесно семејство. Грабнувањето на Панче Жежовски, пак, било извршено за да биде одземено неговото возило, кое потоа било искористено при киднапирањето на девојчето во Скопје.
Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27, односно на 24 ноември 2023 година. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година, во близина на Скопје и Велес.

































