ФУДБАЛ
- На секоја земја треба да ѝ се дозволи да сонува за учество на светското првенство, вели претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино
Плановите за одржување светско првенство (СП) во фудбал со 64 репрезентации ќе бидат разгледувани по СП 2026, а претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека настанот треба да биде „за целиот свет“, пишува „Би-би-си“. Предлогот за проширен турнир беше изнесен минатата година, а Инфантино вели дека успехот на проширениот турнир со 48 селекции годинава значи дека Светската фудбалска федерација треба да разгледа како би можело да функционира светско првенство со учество на 64 репрезентации.
– Сите овие се прашања што ќе ги разгледаме по Светското првенство. Кога се организира светско првенство, важно е да се организира за целиот свет, не само за Европа и Јужна Америка, туку ефикасно за целиот свет. На секоја земја треба да ѝ се дозволи да сонува за учество на светското првенство. Можете да видите дека квалитетот на репрезентациите е исклучително висок и станува сѐ повисок низ целиот свет. Ако не им дадете шанса на помалите земји да учествуваат на светско првенство, тие нема да имаат поттик да продолжат да се подобруваат – изјави Инфантино за швајцарскиот радиодифузер „Блу спорт“, кога беше прашан дали турнирот би можел да порасне на 64 репрезентации, пренесе „Би-би-си“.
Официјален предлог за зголемување на бројот на репрезентации на Светското првенство во 2030 година на 64 селекции беше поднесен од јужноамериканското управно фудбалско тело, КОНМЕБОЛ, во април 2025 година, пишува „Би-би-си“.
СП 2030 главно ќе се одржува во Шпанија, Португалија и во Мароко, а првите три натпревари на тој планетарен шампионат ќе се играат во Аргентина, Уругвај и во Парагвај, за да се прослави стогодишнината од тоа натпреварување. Уругвај беше домаќин на првото Светско првенство во 1930 година. Н.М.































