Исхрана кај децата во лето (2)
- Изборот на сладолед кај децата не треба да биде ист за сите. Кај некои деца е важна протеинската поддршка, кај други избегнувањето млечни производи, кај трети пониската ферментабилност, а кај деца со невроразвојни нарушувања особено е важна и сензорната прифатливост на храната, советува нутриционистката Елена Рајкоска
Сладоледот е една од омилените форми на засладување кај децата во текот на летните денови. Но токму таа форма може да се искористи поинаку, не како класичен десерт во кој доминира шеќерот, туку како нутритивно побогата ужина што ќе биде во прилог на детето, на неговата енергија и на неговото здравје.
– Целта не е само сладоледот да биде домашен туку и да има подобар состав. Кога во една ваква ужина ќе се направи комбинација од протеини, масти и јаглехидрати, енергијата не доаѓа како брзо и нагло внесување, туку како постабилна поддршка во текот на денот – вели Рајкоска.
Таа сподели со нас три рецепти за домашен сладолед, осмислени за различни групи деца со различни нутритивни потреби, гастроинтестинална толеранција и ограничувања во исхраната.
– Иако зборуваме за летна ужина, изборот на сладолед кај децата не треба да биде ист за сите. Кај некои деца е важна протеинската поддршка, кај други избегнувањето млечни производи, кај трети пониската ферментабилност, а кај деца со невроразвојни нарушувања особено е важна и сензорната прифатливост на храната. Затоа секој рецепт има различна нутритивна логика – посочува нутриционистката.
Замрзнати банана -залачиња со полномасен грчки јогурт и темно чоколадо
За овој рецепт се потребни десетина минути, додавајќи го и времето од триесет до шеесет минути, кое е потребно за замрзнување. Се добиваат 24 смрзнати залачиња.
За овој рецепт е потребна една голема банана исечена на 24 тенки круга, 3-4 лажици полномасен грчки јогурт, половина лажиче маслиново масло, 20-30 грама растопено темно чоколадо, една лажица ситно сечкани кикиритки, малку морска сол.
Бананата исечете ја на тенки кругови и наредете ги врз хартија за печење. Во мал сад измешајте го полномасниот грчки јогурт со ½ мало лажиче маслиново масло, додека смесата да стане мазна. Врз секое парче банана нанесете малку од смесата. Ставете ги во замрзнувач 5–10 минути, за јогуртот малку да се стегне. Растопете го темното чоколадо и нанесете тенок слој врз јогуртот. Одозгора, по желба, додајте ситно сечкани кикиритки и многу малку морска сол. Вратете ги во замрзнувач додека целосно да се стегнат.
Овој рецепт е соодветен за деца со чувствителна дигестија, бидејќи не е високо ферментабилен рецепт, доколку порцијата е мала и бананата не е презреана и доколку не се претерува со темното чоколадо.
Во овој рецепт комбинацијата од протеин и масти од полномасниот грчки јогурт го забавува празнењето на желудникот, па енергијата од бананата се ослободува постепено. Малото количество маслиново масло дополнително ја подобрува кремастоста и ја намалува ледената структура по замрзнувањето.
Сладолед со кокосово млеко, индиски ореви и маслиново масло
За приготвувањето на овој рецепт се потребни десет минути, но времето на замрзнување трае од пет до шест часа. Се добиваат шест до осум порции сладолед.
Потребни се 150 грама индиски ореви потопени во топла вода, 400 мл полномасен кокосов крем, 80 мл незасладено бадемово млеко, 50-60 мл јаворов сируп, 50 мл екстра-девствено маслиново масло, едно мало лажиче екстракт од ванила и малку морска сол.
Индиските ореви потопете ги во топла вода неколку часа, потоа исцедете ги. Во силен блендер ставете ги индиските ореви, кокосовиот крем, бадемовото млеко, јаворовиот сируп, маслиновото масло, екстрактот од ванила и прстофат сол. Блендирајте додека да се добие целосно мазна и кремаста смеса. Смесата префрлете ја во сад погоден за замрзнување. Покријте го и замрзнете го пет–шест часа или прекуноќ.
Овој сладолед е наменет за деца што не консумираат млечни производи, а добро толерираат кокос и индиски ореви. Тој е добра варијанта кога сакаме кремаст десерт.
Богат е со масти и енергија, па се сервира во мала порција. Треба да се има предвид дека ова не е значаен извор на протеин, туку приспособена варијација на сладолед.
Во овој рецепт не би требало да додаваме дополнителни јатки или семиња, затоа што базата веќе содржи доволно масти. Ако сакаме да додадеме малку влакна, додаваме малинки или капинки.
Сладолед со зрнеста урда, путер од кикиритки и јатки
За приготвување на овој рецепт се потребни десетина минути и околу шест часа за замрзнување. Се добиваат шест порции.
Потребни ни се 450 грама зрнеста урда, 3-4 лажици мед или јаворов сируп, две лажичиња екстракт од ванила, сто грама путер од кикиритки или путер од бадем и 50-60 грама ситно сечкани печени кикиритки и бадеми. За сервирање, пак, потребни ни се ситно сечкани јатки и рендано темно чоколадо.
Во блендер или процесор за храна ставете ги урдата, медот или јаворовиот сируп и ванилата. Блендирајте 90 секунди до 2 минути, додека смесата да стане мазна, кремаста и целосно изедначена. Овој чекор е важен за да нема зрнеста структура. Префрлете ја смесата во сад погоден за замрзнување. Додајте го путерот од кикиритки или бадем и нежно промешајте, така што низ смесата да останат видливи кремасти линии. Додајте ги ситно сечканите печени јатки и кратко измешајте. Покријте го садот и ставете го во замрзнувач околу шест часа.
Овој сладолед е соодветен за деца што добро поднесуваат млечни производи, јатки и погуста кремаста текстура. Поради протеинско-масната основа, се сервира во мало количество — како ужина или мал летен оброк, а не како голема порција сладолед.
Не е прв избор кај деца со чувствителен дигестивен систем или алергија на јатки.
Кај деца со добра толеранција, може да биде подобра алтернатива на купечки сладолед, бидејќи внесуваат протеин, масти и поголема ситост, без шеќерот да биде главна нутритивна основа.
Ф.Д.































