Креативно лето (5)
- Драги читатели, долгото топло лето е пред вас. Знаеме дека ќе имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето ќе другарува со вас, подготвивме нова рубрика за да ви бидеме привлечни и летово. Во „Креативно лето“, во секој број, со интересни активности ќе ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете аедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја реализирате предложената игра
Во оваа активност децата заеднички управуваат со едно пенкало, поставено во центарот, прицврстено со повеќе конци. Секое дете држи по два конца – по еден во двете раце – и преку нивно внимателно затегнување или попуштање учествува во контролата и движењето на пенкалото.
Задачата е, преку меѓусебна комуникација и координација, заеднички да нацртаат однапред зададена форма, да поминат низ лавиринт или да создадат заеднички цртеж. Тежината на задачата се адаптира според возраста и способностите на децата. За успешно изведување на активноста потребно е децата да разговараат, да се договараат, да ги координираат своите движења и да функционираат како тим. Ниту едно дете не може самостојно да го контролира пенкалото, поради што секој учесник има еднаква и значајна улога во постигнувањето на заедничката цел.
Оваа активност придонесува за развој на тимска работа, соработка, комуникациски вештини, координација, внимание и концентрација, визуомоторна координација, планирање, организација и решавање проблеми. Воедно, ги поттикнува трпението, самоконтролата, меѓусебната доверба, толеранцијата и почитувањето на мислењето на другите, при што децата учат дека успешното постигнување на целта зависи од соработката и придонесот на секој член од тимот. Активноста истовремено го јакне чувството на припадност, одговорност и заеднички успех, преку учење низ игра и активно искуство.
Пишува: Нина Попадинова, психолог































