Фото: МИА

Прирачниците за препознавање и справување со врсничкото насилство, изработени во рамки на кампањата на „Макпетрол“ – „Крени глас – Стоп за булинг“, отсега се достапни и онлајн на интернет-страницата на Министерството за образование и наука, како и на платформата kreniglas.mk.

Со ова, материјалите ќе можат да ги користат не само училиштата, туку и родителите, учениците, стручната јавност и сите граѓани кои сакаат подобро да го разберат и препознаат проблемот со врсничкото насилство, пренесе МИА.

Во соработка со Министерството за образование и наука, прирачниците веќе се доставени до сите основни училишта во земјата. Тие се достапни на македонски, албански, турски, српски и босански јазик, а ги изработи психологот Деспина Стојановска врз основа на искуствата стекнати преку директна работа со ученици за време на едукативните работилници.

Од „Макпетрол“ велат дека целта е содржините да бидат лесно достапни за што поголем број граѓани.

-Врсничкото насилство не ги засега само училиштата, туку и семејствата и целата заедница. Затоа е важно практичните насоки, искуствата од терен и стручната поддршка да бидат достапни за секој што има потреба од нив – посочуваат од компанијата.

Во изминатите две години, во рамки на кампањата „Крени глас – Стоп за булинг“ беа реализирани 620 едукативни работилници во повеќе од 150 основни училишта во 26 општини, на кои учествуваа над 18.000 ученици. Дополнително, беа организирани 17 работилници за родители со повеќе од 3.000 учесници, два големи јавни настани и беа отпечатени и дистрибуирани над 10.000 едукативни материјали.

Платформата kreniglas.mk продолжува да функционира како информативен ресурс со материјали и совети за препознавање, превенција и справување со булингот.