Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува 2026 година да заврши со повеќе од 3,5 милиони патници на скопскиот и охридскиот аеродром, додавајќи дека целта од четири милиони патници ќе биде достигната во блиска иднина, пренесе МИА.
Коментарот доаѓа откако „ТАВ Македонија“ објави дека во првите шест месеци од годинава двата аеродрома опслужиле 1.955.648 патници, што е раст од 28 проценти во споредба со истиот период лани.
Николоски оцени дека ваквите резултати се должат на владините политики во авиосообраќајот и отворањето на 28 нови авиолинии, нагласувајќи дека скопскиот и охридскиот аеродром се меѓу најбрзорастечките во регионот во своите категории.
-Пред две години имавме нешто повеќе од два милиони патници на годишно ниво, а сега достигнавме два милиони за само шест месеци. Лани првпат ја надминавме границата од три милиони патници, а годинава ќе надминеме 3,5 милиони и многу брзо ќе стигнеме до четири милиони, што до неодамна беше незамисливо за Македонија – изјави Николоски при посетата на Тетово.
Тој истакна дека и покрај кризата предизвикана од конфликтот во Заливот, воздушниот сообраќај во земјава останал стабилен, а скопскиот аеродром обезбедувал керозин и за аеродромите во Приштина и делумно во Ниш.
Според податоците на „ТАВ Македонија“, во првата половина од годинава биле реализирани 13.167 летови, што претставува раст од 7,6 проценти во однос на истиот период лани. Само во јуни двата аеродрома опслужиле 374.714 патници, односно 15,6 проценти повеќе од јуни минатата година.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, оцени дека растот од 28 проценти на бројот на патници е потврда за силниот развој на македонските аеродроми и резултат на проширувањето на мрежата на дестинации, унапредувањето на услугите и соработката со авиокомпаниите.
Статистиката покажува дека најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром „Скопје“ останува Истанбул, по што следуваат Меминген, Базел-Милуз, Дортмунд, Цирих и Франкфурт.

































