Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Проширувањето на Европската Унија претставува добивка и за земјите кандидати и за државите членки, а одолговлекувањето на процесот создава само разочарување, порача претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на конференцијата на „Економист“, каде што учествуваше заедно со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Говорејќи на тема „Напредокот во време на превирања“, двајцата ја нагласија важноста од продолжување на процесот на проширување, особено кон земјите од Западен Балкан.

Мецола истакна дека искуството од големото проширување на Унијата во 2004 година покажува дека членството значително придонело за економскиот развој, подобрувањето на животниот стандард и квалитетот на живот во новите земји членки.

-Тоа е вин-вин ситуација – не само за државите што сакаат да се приклучат, туку и за оние што веќе се дел од Европската Унија – рече таа.

Според неа, повеќе од десет земји во моментов се стремат кон членство во ЕУ и секоја од нив треба да напредува врз основа на сопствените заслуги, но не смее бесконечно да биде оставена да чека.

Осврнувајќи се на последниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Мецола оцени дека Црна Гора во моментов е најнапредната земја во пристапниот процес и призна дека по тој самит првпат почувствувала вистински оптимизам.

-Ова се земји кои искрено веруваат во европската идеја. Ако постојано го одржуваме статус квото, единствено што ќе постигнеме е да ги разочараме оние што ја гледаат Европа како своја иднина – нагласи претседателката на Европскиот парламент.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис истакна дека Грција има посебен интерес земјите од Западен Балкан да напредуваат кон членство, бидејќи стабилен и европски ориентиран регион е од заеднички интерес.

Тој призна дека Европската Унија во минатото дала ветувања кои не биле целосно исполнети, но оцени дека постои реална можност Црна Гора да стане следната членка на Унијата во наредните две години.

-Тоа би испратило силна порака дека членството во Европската Унија не е недостижен сон, туку реална перспектива – рече Мицотакис.

Во однос на Србија, грчкиот премиер оцени дека е неопходно да се придвижат пристапните преговори, потсетувајќи дека веќе четири години не е отворено ниту едно ново поглавје.

-Србија создава околу половина од бруто-домашниот производ на Западен Балкан и тешко е да се замисли стабилен и европски ориентиран регион без европска Србија. Потребно е да испратиме јасен сигнал дека сме заинтересирани таа да продолжи по европскиот пат – порача Мицотакис.