Рецензија за „Амрум“ – најнеочекуваниот филм во кариерата на германско-турскиот автор

  • Она што најмногу изненадува кај „Амрум“ е авторската трансформација. Доколку името на режисерот би било избришано од одјавната шпица, малкумина би погодиле дека станува збор за филм на Фатих Акин. Речиси ништо од неговите препознатливи стилски обележја не е присутно. Нема музички експлозии што ја носат драмата. Нема конфликти што кулминираат во физичко насилство. Нема урбани простори исполнети со живот и хаос. Наместо тоа, постои само морето. Ветерот. Песокот. Тишината…
  • Не е случајно што „Амрум“ беше избран за програмата „Кански премиери“. Тоа не е филм што бара брзи реакции, туку дело што расте во мислите долго по проекцијата. Веројатно токму поради својата воздржаност нема да биде најнаградуваниот филм на годината, бидејќи неговите квалитети не се демонстративни

Постојат режисери кај кои уште по првите неколку кадри знаете чиј филм гледате. Не затоа што се повторуваат, туку затоа што нивниот поглед кон светот има препознатлив ритам. Кај Фатих Акин тој ритам отсекогаш бил забрзан. Камерата се движи нервозно, музиката пулсира низ сцените, ликовите живеат на работ на емотивниот и физичкиот колапс, а приказните речиси секогаш се движат околу луѓе што постојано се судираат – со државата, со семејството, со сопственото потекло или со самите себе.
Од „Против ѕидот“ (Gegen die Wand), филмот што му ја донесе „Златната мечка“ во Берлин, преку „На работ на рајот“ (Auf der anderen Seite), „Кујна на душата“ („Soul Kitchen“), „Од никаде“ (Aus dem Nichts), па до морничавиот „Златната ракавица“ (Der Goldene Handschuh), Акин создаде филмографија во која емоциите секогаш се исфрлени на површината. Неговите филмови не оставаат простор за дистанца. Тие го вовлекуваат гледачот во хаосот на своите ликови и ретко му дозволуваат да здивне.
Токму затоа „Амрум“ („Amrum“, 2025) е речиси шокантно искуство.
Не затоа што станува збор за историски филм. Акин и претходно се навраќаше на историјата, особено во „Раната“ (The Cut), каде што се занимаваше со ерменскиот геноцид. Но таму историјата беше епска, насилна и драматична. Во „Амрум“ таа е речиси невидлива. Големите историски настани се случуваат некаде далеку од кадарот. Она што останува пред камерата е едно дете, едно семејство и еден остров што полека сфаќа дека светот каков што го познавал исчезнува.
Филмот, инспириран од автобиографските сеќавања на Харк Бом, се случува во пролетта 1945 година на островот Амрум, во последните денови на Третиот рајх. Дванаесетгодишниот Нанинг секојдневно се обидува да обезбеди храна за своето семејство, додека околу него пропаѓа државата во која бил воспитан да верува. Многумина сигурно ќе помислат дека веќе има премногу германски филмови што ја третираат темата за Втората светска војна, но „Амрум“ никогаш не станува класична воена драма. Тој не е филм за фронтовите, туку за последиците што идеологијата ги остава врз едно дете, кое допрва почнува да разбира дека возрасните можат да грешат.
Она што најмногу изненадува е авторската трансформација.
Доколку името на режисерот би било избришано од одјавната шпица, малкумина би погодиле дека станува збор за филм на Фатих Акин.
Речиси ништо од неговите препознатливи стилски обележја не е присутно. Нема музички експлозии што ја носат драмата. Нема конфликти што кулминираат во физичко насилство. Нема урбани простори исполнети со живот и хаос. Наместо тоа, постои само морето. Ветерот. Песокот. Тишината.
Акин, режисер што отсекогаш создаваше динамично кино во движење, овде конечно открива дека понекогаш најсилниот филм настанува кога камерата едноставно ќе застане.
Во тоа има нешто длабоко зрело.
„Амрум“ не сака да биде спектакл. Не сака ниту да го демонстрира ужасот на војната преку големи сцени. Тој разбира дека распадот на една идеологија најдобро се гледа во ситните нешта – во погледот на мајката што одбива да поверува дека фирерот е мртов, во детето што механички ги повторува научените пароли, во селото што одеднаш мора да живее со вистината што со години ја оттурнувало.
Во филмографијата на Акин секогаш постоела тема што се повторува, а тоа е идентитетот. Во „Против ѕидот“ тоа беше културниот судир помеѓу германското и турското. Во „На работ на рајот“ стануваше збор за луѓе што физички ги минуваат границите. Во „Од никаде“ идентитетот се распаѓаше под товарот на омразата. Дури и во „Златната ракавица“ зад хоророт се криеше приказна за луѓе што општеството одамна ги оттурнало.

Во „Амрум“ овие теми не исчезнуваат. Тие само добиваат нова перспектива.
За првпат Акин не ја гледа Германија од позиција на некој што живее помеѓу две култури. Наместо тоа, се обидува да ја разбере самата германска меморија. Тоа е огромен чекор за автор што целата кариера ја изгради истражувајќи ги луѓето што никогаш целосно не припаѓаат. Овој пат тој навлегува во срцето на германската историја, но повторно го интересира истото прашање: Како идеологијата го обликува човекот уште од детството?
И токму затоа „Амрум“ повеќе потсетува на европската традиција отколку на современото германско кино.
Во неговата тивка набљудувачка природа се чувствуваат одеците на Роселини, особено на неговите повоени филмови, каде што историјата се открива преку секојдневието. Во внимателната употреба на природата може да се препознае влијанието на Теренс Малик, иако без неговата метафизичка возвишеност. На моменти филмот дури потсетува и на доцниот Тарковски, не поради филозофските амбиции, туку поради начинот на кој времето тече низ кадарот. Акин никогаш претходно не бил толку трпелив режисер.
Оваа промена најсилно се чувствува во фотографијата.
Карл Валтер Линденлауб не ја користи природата како разгледница, туку како драмски простор. Северно Море не е само пејзаж; тоа е огледало на емоционалната состојба на ликовите. Студените тонови, долгите тивки тонови и внимателно компонираните кадри создаваат чувство дека луѓето се само минливи фигури во еден свет што ќе продолжи да постои долго по нивните идеологии.
Монтажата покажува извонредна дисциплина. Наместо да ја забрзува драмата, таа му дозволува на секој поглед да трае доволно долго за гледачот самиот да ја почувствува неговата тежина. Во време кога многу историски филмови се обидуваат да ја импресионираат публиката со раскош и спектакл, „Амрум“ избира минимализам.
Актерската игра е еднакво воздржана. Младиот Џаспер Оле Билербек не глуми дете што минува низ историски пресврт; тој едноставно е дете кое сака да го нахрани своето семејство. Токму во таа природност лежи силата на неговата изведба. Дијане Кругер повторно покажува колку прецизно знае да работи со минимални гестови, додека Лаура Тонке создава комплексен лик чија слепа верност кон нацизмот никогаш не се претвора во карикатура.
Не е случајно што „Амрум“ беше избран за програмата „Кански премиери“. Тоа не е филм што бара брзи реакции, туку дело што расте во мислите долго по проекцијата. Веројатно токму поради својата воздржаност нема да биде најнаградуваниот филм на годината, бидејќи неговите квалитети не се демонстративни. Но речиси сигурно ќе има долг фестивалски живот. Европската филмска академија отсекогаш знаела да препознае дела што ја заменуваат реториката со суптилност, а „Амрум“ токму таму ја има својата најголема шанса.

По повеќе од дваесет години кариера, Фатих Акин направи нешто што малку големи автори се осмелуваат да го направат. Наместо да го повторува сопствениот успех, целосно го смени својот филмски јазик. Не ги напушти темите што го опседнуваат – идентитетот, наследството, вината и припадноста – туку го напушти начинот на кој ги раскажуваше.
„Aмрум“ е филм што не личи на Фатих Акин. И токму затоа е еден од неговите најважни. Зашто понекогаш најголемата авторска храброст не е да снимите уште еден добар филм во стилот по кој ве препознаваат, туку да снимите филм во кој речиси никој нема веднаш да ве препознае – а сепак, кога ќе се исклучат светлата во салата, ќе сфати дека само зрел автор можел да создаде толку тивко, толку кревко и толку човечно дело.