Британските археолози открија структура во близината на светски познатиот праисториски камен круг на Стоунхенџ што ги заинтригира. Структурата, која се состои од два дрвени столба оддалечени 120 метри, можеби на прв поглед не изгледа дека е важна, но тимот од „Весекс археологија“ тврди дека е усогласена за да ја следи насоката директно кон изгрејсонцето во текот на летото и кон зајдисонцето за време на зимската краткоденица.
Она што особено привлекува внимание е фактот дека оваа градба е околу 500 години постара од Стоунхенџ, поради што археолозите се сомневаат дека станува збор за еден вид „прототип“. Имено, местото каде што се наоѓа градбата е богато со керамички остатоци, животински коски, а пронајден е и многу редок нож во облик на диск. Затоа, научниците веруваат дека можеби ова место било центар на големи верски собири.
Археологот Фабио Силва користел реконструкции на античкото небо, пејзаж и хоризонт, за да покаже како била изградена оваа релативно едноставна градба, која им служела на древните народи како место за славење на солстициумот пред да се изградат потрајни сложени споменици. Тимот сугерира дека слична структура можеби постоела за време на најраната фаза на Стоунхенџ, иако сите траги подоцна биле избришани.
Научниците сè уште не можат да се договорат за што всушност се користел камениот круг. Најприфатеното толкување е дека тоа бил храм или место за богослужба посветена на сонцето и неговото движење. Меѓутоа, со текот на годините беа презентирани и други теории, вклучувајќи ја и идејата дека тоа всушност бил храм на друидите, центар за лекување, место каде што биле крунисувани кралевите или астрономски центар за предвидување на сончевите промени.