Изложба на лумен-принтови на Кети Талевска Бакревска ќе биде поставена в четврток, во 20 часот, во КСП „Центар Јадро“, Скопје.
Изложбата „Фрагменти од НАС“ претставува интимно визуелно истражување на жената како слоевито суштество – тело, мисла и дух – изразено преку специфичниот јазик на лумен-принтот, фотографски процес во кој сончевата светлина дејствува како коавтор.
Во оваа серија, уметницата му дозволува на моментот да се случи природно, да се впие и да остави трага. Просторот на изложбата концептуално е поделен на три столба на постоењето, претставени преку три женски силуети, создадени исклучиво со лумен-техника.
Кети Талевска Бакревска (Битола) е фотографка што работи со алтернативни фотографски процеси како лумен-принтови, цијанотипија, класична аналогна фотографија и камера опскура. Нејзините дела се инспирирани од природата, светлината и од трагите што тие ги оставаат на хартија.
Зад себе има реализирано две самостојни изложби и има учествувано во повеќе регионални и европски проекти. Често е дел од жири-комисии на фотографски изложби, а преку работилници активно ги споделува своето знаење и искуство во областа на алтернативната фотографија.