Што сакаше да каже американскиот претседател кога ја нарече Европа „земја од Третиот Свет“?
- Изразот е стар седум децении, но со употребата од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, тој доби сосема нова политичка димензија
Кога американскиот претседател Доналд Трамп деновиве напиша дека „Европа станува земја од Третиот Свет“ затоа што прима „криминалци од Третиот Свет“, тој не употреби само навредлива политичка квалификација. Тој активираше поим што повеќето луѓе го користат секојдневно, а ретко кој знае што навистина значи. Во јавниот говор денес „Трет Свет“ најчесто се користи како синоним за сиромаштија, хаос, криминал, корупција, неразвиеност и нефункционални институции. Но, историски гледано, тој израз воопшто не бил создаден за да ги опише најсиромашните држави на планетата. Токму затоа вреди да се постави прашањето – што всушност е „Трет Свет“, зошто терминот сè уште живее во политиката и што сака да постигне Трамп кога го употребува токму за Европа?
Од Студената војна до денешната политика
Изразот „Трет Свет“ се појавува во 1952 година, кога францускиот демограф и економист Алфред Сови го употребува за да ги означи државите што не припаѓале ниту на западниот капиталистички блок предводен од САД, ниту на источниот комунистички блок предводен од Советскиот Сојуз. Првиот свет бил Западот.
Вториот свет бил комунистичкиот Исток.
Третиот свет биле државите што останувале надвор од двата табора – најголем дел од нив во Африка, Азија, Латинска Америка и на Блискиот Исток. Со други зборови, терминот првично немал никаква врска со богатството или сиромаштијата. Тој бил геополитичка, а не економска категорија.
Како „Третиот Свет“ стана синоним за сиромаштија
По завршувањето на Студената војна, поделбата на Прв, Втор и Трет Свет практично престана да има политичка смисла. Советскиот Сојуз исчезна, а со тоа исчезна и „Вториот Свет“. Но изразот „Трет Свет“ остана во јавноста. Имено, голем број од државите што порано се нарекуваа „земји од Третиот Свет“ навистина имаа ниски приходи, слаб индустриски развој, нестабилни политички системи, висока корупција и чести оружени конфликти. Со текот на времето, самиот поим почна да означува не политичка припадност, туку степен на развој. Денес Обединетите нации, Светската банка и повеќето меѓународни организации речиси и не го користат овој термин. Наместо него зборуваат за „земји со ниски приходи“, „земји во развој“, „најмалку развиени земји“ или „економии во развој“, бидејќи тие категории се попрецизни и помалку идеолошки обоени.
Кои земји денес најчесто се сметаат за „Трет Свет“?
Иако терминот повеќе нема официјален статус, во секојдневниот говор најчесто се однесува на делови од супсахарска Африка, некои држави од Јужна Азија, делови од Латинска Америка и неколку земји погодени од долготрајни војни или институционален распад. Но ваквата генерализација е сè помалку точна. Денешниот свет изгледа сосема поинаку отколку пред половина век. Сингапур некогаш бил дел од т.н. Трет Свет, а денес е една од најбогатите економии во светот. Јужна Кореја од сиромашна земја стана глобална технолошка сила, а Кина, која долго се сметаше за дел од земјите во развој, денес е водечка светска економија. Затоа современите политиколози предупредуваат дека терминот повеќе открива предрасуди отколку реалност.
Што сака да постигне Трамп?
Во изјавата на Трамп, изразот „Трет Свет“ нема академско значење. Тој служи како политичка метафора. Според политиколозите со кои се консултиравме, како и професори по комуникологија, Трамп напишал едноставна и недвосмислена порака.
– Пораката е едноставна и јасна. Ако Европа продолжи да прима голем број мигранти, особено нелегални, според неговата логика ќе ги преземе и проблемите што тој ги поврзува со државите од кои тие доаѓаат, а тоа се криминал, слабеење на институциите, несигурност, пад на животниот стандард итн. Со други зборови, Трамп не тврди дека Европа економски станува Африка или Азија. Тој сака да создаде впечаток дека европските општества се движат кон модел на нестабилност, кој американските конзервативци одамна го користат како предупредување против либералната миграциска политика. Тоа е добро позната реторичка техника – преку еден силен симбол да се предизвика страв кај гласачите – велат нашите соговорници.
Политички јазик што произведува силни емоции
Нашата соговорничка, професорка по комуникологија, додава дека во современата политика сè почесто се користат зборови што имаат многу поголемо емоционално отколку фактичко значење.
– „Инвазија“, „катастрофа“, „окупација“, „распад“, „Трет Свет“ – тоа не се само описи туку внимателно избрани политички симболи.
Тие не се наменети да објаснат сложени процеси, туку да создадат силна слика во главата на гласачот. Трамп одамна ја гради својата политичка стратегија токму врз такви кратки впечатливи пораки што лесно се споделуваат на социјалните мрежи и стануваат тема на јавните дебати – вели таа.
Европа како предупредување за Америка
Според политиколозите, уште еден друг аспект на неговото писание на социјалните мрежи е интересен
– Во суштина, Трамп не зборува само за Европа. Тој зборува за Америка. Европа во неговата порака претставува пример што, според него, САД треба да го избегнат. Таа станува политички аргумент во домашната американска дебата за миграцијата, безбедноста и националниот идентитет. Затоа неговата реченица не треба да се чита како географска анализа, туку како дел од изборна стратегија во која Европа има улога на предупредувачки пример, велат тие, толкувајќи дека во изјавата „има материјал и за внатрешно обраќање кон граѓаните на САД“.
– Изразот „Трет Свет“ одамна престана да биде прецизен научен термин. Денес тој е пред сè политичка ознака, реторичко оружје и симбол што секој го толкува според сопствените убедувања. Кога Трамп ја нарекува Европа „земја од Третиот Свет“, тој не ги менува нејзината географија, економија или меѓународен статус. Тој се обидува да ја промени перцепцијата на јавноста, односно да ја поврзе миграцијата со општествен пад и да ја претвори Европа во аргумент за својата политика. Токму затоа, зад овие два збора стои многу повеќе од политичко омаловажување. Тука стои цела политичка филозофија во која јазикот не служи само за опишување на светот туку и за негово обликување во очите на гласачите. Р.С.

































