Борис Василески, режисер на претставата „Првиот Македонец во вселената“
- Ликот на Кирил во претставата сака да стигне до вселената, но зад таа желба има нешто многу интимно: желба некој конечно да го препознае, да му каже дека неговиот живот има тежина, дека не е случаен. Тој не сака само да биде прв. Сака да остави трага. Сака да докаже дека и од место што другите го сметаат за периферија може да се тргне кон нешто огромно.
Амбицијата во претставата не е само кариерна или национална. Таа е егзистенцијална. Прашањето е: колку далеку треба да оди човек за да почувствува дека постои, вели режисерот Борис Василески
Претставата „Првиот Македонец во вселената“ е авторски проект на Борис Василески во продукција на театарот „Штрих“.
Василевски вели дека оваа претстава почнала од едно наивно, речиси детско прашање: што би се случило ако еден Македонец навистина поверува дека може да стигне до вселената?
– „Првиот Македонец во вселената“ не е претстава за вселената. Таа е само најдалечната точка до која може да се однесе едно многу земно чувство – чувството дека човекот и земјата можат да исчезнат не затоа што се уништени туку затоа што престанале да веруваат дека имаат право на иднина. Ме интересираше што се случува со човек што има визија поголема од средината во која се наоѓа – вели Василевски.
Играат актерите: Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Јанка Лефкова, Ана Грамосли/Вера Тошева. Продуцентка е Андреа Маркоска. Костимите се на Марта Дојчиновска, видеоанимацијата е на „Артериа“ и Емил Петро. За музиката и дизајнот на звук се погрижи Ади Имери. Сценографијата е на Ненад Тонкин, а изборот на песните е на режисерот Василески.
„Првиот Македонец во вселената“ се реализира во рамките на Програмата за финансиска поддршка на организациите на граѓанското општество (ФСТР), која ја спроведува Центарот за локална демократија ЛДА – Суботица, во соработка со фондацијата „Нови Сад – Европска престолнина на културата“, координатор на проектот „Област на помирување“, кој е кофинансиран од Европската Унија преку Програмата за финансиска поддршка на граѓанското општество и медиумите на Западен Балкан ИПА III.
Насловот „Првиот Македонец во вселената“ звучи како научнофантастична авантура, но зад него се кријат многу подлабоки прашања. Што всушност претставува „вселената“ во оваа претстава? И за каква претстава станува збор?
„Вселената“ во оваа претстава не е само физички простор, не е само небо, не се планети и научна фантастика. Таа е и простор на невозможната желба. Простор во кој човекот се обидува да излезе од сопствените ограничувања, од историјата, од земјата на која постојано му се кажува дека треба да биде помал, потивок и пореален.
Станува збор за претстава што користи научнофантастична рамка, но во суштина зборува за многу човечки нешта: потребата да се биде виден, стравот од неуспех, амбицијата, осаменоста, потребата еден човек, па и еден народ, да поверува дека има право на голема приказна. Освен научнофантастична, претставата е и трагикомична, поетска и политичка фантазија за еден човек што оди многу далеку, за можеби конечно да разбере од каде доаѓа.

Во претставата се отвора темата за малите народи и чувството дека постојано им се сугерира дека се „мали, задоцнети и невозможни“. Дали ова е приказна специфично за Македонија или, напротив, универзална приказна за секој човек што се бори со сопствените ограничувања?
За мене таа е длабоко македонска, но токму затоа може да биде и универзална. Македонија често живее со чувство дека секаде доцни, дека е мала, дека историјата ја прегазила или ја оставила на маргините. Но тоа чувство не му припаѓа само на еден народ. Го има и кај поединецот што чувствува дека е невидлив, кај човекот што мисли дека неговата желба е поголема од неговите можности.
Претставата не сака да каже дека сме посебни затоа што сме мали. Напротив, сака да праша што правиме со тоа чувство. Дали ќе го претвориме во комплекс, во самоиронија, цинизам, во пораз или во некаква сила да замислиме нешто поголемо од она што ни е дозволено.
Научната фантастика ретко е присутна на македонската театарска сцена. Што Ви овозможи овој жанр да кажете или да покажете?
Научната фантастика ми овозможи да зборувам за реалноста без да бидам буквален. Таа создава дистанца, но токму преку таа дистанца некои нешта стануваат појасни. Кога ќе го однесете Македонецот во вселената, одеднаш прашањата за идентитет, припадност, амбиција, сиромаштија, национална митологија и лична осаменост стануваат видливи на поинаков начин.
Театарот има прекрасна моќ да направи вселена од многу малку средства. Не мора навистина да изградите ракета. Доволни се телото на актерот, светлото, звукот, мапирањето на просторот и имагинацијата на публиката. Токму затоа жанрот беше возбудлив: ни даде слобода да не бидеме реалистични, а сепак да бидеме многу точни.
Во македонски контекст, научната фантастика ми беше интересна и затоа што речиси звучи како провокација. Речиси цела македонска уметност се фокусира или на сегашноста или на минатото, речиси никогаш на иднината. Како да прашува: имаме ли ние право на иднина? Имаме ли право да се замислиме во жанр што обично им припаѓа на големите, богатите, на технолошки моќните? За мене одговорот е: да, апсолутно.

Во најавата се споменуваат амбицијата, осаменоста и невидливоста. Дали денешниот човек е осамен и како тие чувства се пресликуваат во ликот што се стреми кон нешто толку недостижно како вселената?
Мислам дека денешниот човек е многу видлив на површина, а многу осамен во суштина. Постојано сме изложени, постојано комуницираме, постојано нешто докажуваме, но тоа не значи дека сме навистина видени. Напротив, понекогаш токму во таа постојана видливост се крие најголемата невидливост.
Ликот на Кирил во претставата сака да стигне до вселената, но зад таа желба има нешто многу интимно: желба некој конечно да го препознае, да му каже дека неговиот живот има тежина, дека не е случаен. Тој не сака само да биде прв. Сака да остави трага. Сака да докаже дека и од место што другите го сметаат за периферија може да се тргне кон нешто огромно.
Амбицијата во претставата не е само кариерна или национална. Таа е егзистенцијална. Прашањето е: колку далеку треба да оди човек за да почувствува дека постои?
Претставата, според најавите, ги тестира и физичките граници на театарот. Што беше најголемиот режисерски предизвик во создавањето на еден толку необичен сценски универзум и што може да очекува публиката од „Првиот Македонец во вселената?“
Најголемиот предизвик беше да се направи претстава што никогаш претходно не постоела. Идејата за претставата е стара околу три години, а нејзиниот раст и развој одеа постепено, како креативно така и продукциски, за на крајот да кулминира сето тоа заедно со удел на целата екипа на „Штрих“ и на другите соработници и да направиме и да видиме на сцена приказна што до пред три години никаде не постоела, освен како мисла во мојот мозок.
Работевме на сценски свет во кој физичкото, звучното и визуелното се постојано активни. Публиката може да очекува претстава што не е класична, не е мирна, не е само раскажување приказна. Таа е обид да се создаде еден сценски универзум во кој има хумор, тага, апсурд, нежност и судир со нешто многу поголемо од нас.
За мене е најважно публиката да не излезе само со впечаток дека гледала претстава за човек во вселената, туку за човек што се обидува да не се помири со границите што му се дадени. Тоа можеби е и најточниот опис на претставата: обид за лет, и покрај сè.

































