Економските и инфраструктурните резултати се импулс за развој за македонското мултиетничко општество
- Последните јавни реакции, меѓу кои и ставовите на адвокатот Умејр Мухамеди, отвораат прашање што долго време остануваше на маргините на јавната дебата. Ако граѓаните најважните инфраструктурни придобивки ги добиваат независно од етничката припадност на функционерите што ги реализираат, тогаш дали националистичката реторика навистина им носи подобар живот или претставува механизам за одржување на истите политички структури на власт?
Речиси три децении во политичкиот живот во Македонија се испраќаат исти пораки, се наметнуваат исти стравови и се нудат исти ветувања. Имено, пред секои избори повторно се отвораат прашања за националниот идентитет, колективните права и наводната загрозеност на етничките заедници, додека темите што директно го определуваат квалитетот на животот на граѓаните остануваат во втор план. Наместо развој, инфраструктура, образование, здравство и економија, доминираат политички пораки што ја продлабочуваат поделбата меѓу луѓето. Особено е впечатлив примерот со дел од албанските политички партии, кои со години ја градат својата изборна стратегија врз етничката мобилизација. Наместо отчет за тоа што реално е направено за средините во кои живеат нивните гласачи, во прв план повторно се ставаат големи национални теми, историски неправди и ветувања дека токму тие се единствените заштитници на албанските интереси. Но кога ќе завршат изборите останува сосема поинаква слика. Во многу населени места со мнозинско албанско население и понатаму недостигаат основни инфраструктурни услови. И денес има населби без квалитетен водовод, без канализација, со неасфалтирани улици, недоволно уредени училишта и ограничени можности за економски развој. Наместо видлив напредок, голем број граѓани повторно се соочуваат со истите проблеми што ги имале и пред десет или дваесет години, но затоа никнува понекоја спомен-соба или повеќеметарски споменик, од што граѓаните реално немаат никаква корист.
Мухамеди: Сите капитални проекти од кои имаат профитирано Албанците се дело на политичари Македонци!
Неодамна познатиот македонски адвокат, правник и граѓански активист Умејр Мухамеди преку фејсбук-статус ја обелодени оваа децениска манипулација со гласачите, кои водени од етнопопулистичките ветувања, всушност, ги креираат политичките елити што профитираат врз нивниот глас.
„Сите капитални проекти од кои имаат профитирано Албанците се дело на политичари Македонци“, ќе напише Мухамеди, додавајќи дека граѓаните се купуваат за евтини партиски поени, додека нивниот реален живот останува заглавен во кал, без основни услови за егзистенција.
Тој интегрално наведува и конкретни примери од теренот, потврдувајќи дека она што им е важно на граѓаните Албанци, всушност го испорачале политичари што не се воделе од етнопопулизмот.
„Тогаш, која е поентата Албанците воопшто да гласаат за политички партии што освен лажен патриотизам, лаги и нивно лично богатење, буквално ништо друго не им нудат на Албанците во Македонија“, ќе запраша Мухамеди во својата објава.
Од реакциите на социјалните мрежи може да се заклучи дека кај обичните граѓани почнува да созрева свеста дека не добиваат ништо од лажни ветувања и дека гласот на избори треба да го добива оној што испорачува, без оглед на неговата етничка припадност. Од друга страна, ниту политичарот што ја добил довербата не смее да прави разлика меѓу граѓаните, туку да работи во интерес на сите. Она што станува повеќе од јасно, тоа е дека сѐ поголем број граѓани почнуваат да бараат отчетност за дадените ветувања низ призмата на локалната функционалност, а не низ корумпираните партиски говори.
Нема никаква дилема дека пораката испратена преку овој статус означува почеток на една сосема нова ера во македонскиот политички дискурс. Времето кога изборите лесно се добиваа со евтина националистичка реторика, кревање тензии и намерно поттикнување меѓуетнички страв полека но сигурно изминува.
Националистичката реторика како алатка за власт, моќ и лукративни интереси
Во исто време, политичките елити што со години се претставуваат како единствени бранители на националните интереси успеваат значително да го подобрат својот сопствен, личен, а и на своето семејство – животен стандард! Се појавуваат нови компании, вредни недвижности, луксузни автомобили и влијание што далеку ја надминува нивната официјална политичка функција. Додека обичниот човек чека подобар пат, подобра болница или ново работно место, политичката класа станува сè побогата.
Токму затоа последните јавни реакции, меѓу кои и ставовите на адвокатот Умејр Мухамеди, отвораат прашање што долго време остануваше на маргините на јавната дебата. Ако граѓаните најважните инфраструктурни придобивки ги добиваат независно од етничката припадност на функционерите што ги реализираат, тогаш дали националистичката реторика навистина им носи подобар живот или претставува механизам за одржување на истите политички структури на власт?
Одговорот не треба да се бара во националноста на оној што гради пат, водовод или училиште, туку во тоа дали тие проекти навистина се реализираат. Чистата вода, канализацијата, функционалните институции, квалитетното образование и сигурните работни места немаат етничка припадност, туку се универзални потреби на секој граѓанин, без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав, Ром или Бошњак.
Оттука произлегува и суштинската дилема. Ако политичките партии со етнички предзнак со години ги убедуваат своите гласачи дека единствено тие можат да ги заштитат нивните интереси, а реалните животни услови остануваат речиси непроменети, тогаш оправдано е да се постави прашањето кому навистина му користи таквата политика. На граѓаните, кои и понатаму живеат со нерешени комунални проблеми, или на тесен круг политички функционери, кои одржувањето на етничките поделби го претвораат во најсигурен механизам за освојување власт и личен просперитет? И зошто воопшто сè уште се формираат партии со етнички предзнак кога е повеќе од јасно дека граѓаните ги проѕреа нивните вистински намери?
Лекциите по евтин патриотизам веќе не поминуваат кај граѓаните
Граѓаните, без оглед на нивната национална или верска припадност, денес гласно бараат отчетност, одговорност, економски напредок и функционални институции. Дополнително, овој статус на Мухамеди треба да послужи како сериозен деструктивен аларм за сите етнички политички партии: лекциите по евтин патриотизам веќе не поминуваат кај граѓаните, кои сѐ уште се соочуваат со примитивни инфраструктурни проблеми во третата деценија на 21 век.
Всушност, Мухамеди го напиша и го потпиша она што илјадници граѓани од неговата заедница секојдневно го мислат, но сè уште немаат храброст јавно и гласно да го изговорат. Со овој потег, тој го отвори патот кон еден нов пристап и концепт на сработени дела, резултати, било економски или институционални, онакви што го подобруваат квалитетот на животот на сите граѓани, кои секогаш ќе зборуваат погласно од празната партиска или етноцентристичка реторика.

































