КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ

  • Нѐ очекуваат многу потешки натпревари, но сега треба да уживаме во оваа победа и во успешниот циклус. Потоа следува работа, да ги имаме на располагање најдобрите можни играчи и сите да бидат подготвени за новите предизвици, вели селекторот Берокал

Ни недостигаа неколку важни кошаркари, особено на бековските и на центарските позиции, но секогаш мораме да се фокусираме на оние што ги имаме на располагање. Играчите што настапија одговорија на задачите и тоа е најважно. Сега сѐ зависи од самите играчи. До следниот собир тие мора индивидуално да работат и да дојдат максимално подготвени, бидејќи овој пат нема да имаме три недели подготовки, туку само седум-осум дена. Затоа е важно секој да ја одржи формата во текот на летово и подготвено да ѝ се приклучи на репрезентацијата. Нѐ очекуваат многу потешки натпревари, но сега треба да уживаме во оваа победа и во успешниот циклус. Потоа следува работа, да ги имаме на располагање најдобрите можни играчи и сите да бидат подготвени за новите предизвици. Не е важно кој игра. Кога некој ќе го облече дресот на Македонија, тој е нашиот најважен играч. И Стјуарт, и Сестина, и сите што беа дел од тимот помогнаа на свој начин. Ако секој што ќе дојде во репрезентацијата има таков пристап и менталитет, тогаш ќе бидеме на вистинскиот пат, изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија, Жозеп Марија Берокал, по успешното завршување на првата фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година и она што ги очекува при крајот на август, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).

Со максимален ефект од шест победи во исто толку меча, кошаркарската репрезентација на Македонија убедливо ја заврши првата рунда од претквалификациите за пласман на континенталното првенство во 2029 година и како првопласирана во групата А обезбеди место во следната фаза од квалификацискиот циклус. По комплетирањето на мечевите од првата рунда, познати се четирите селекции што изборија пласман во втората рунда од претквалификациите, а тоа, покрај Македонија, се Словачка, Бугарија и Норвешка. Другите шест селекции што настапуваа во првата рунда ќе имаат можност да го продолжат квалификацискиот пат преку третата рунда од претквалификациите, која ќе се игра по завршувањето на вториот круг претквалификации.
Во втората рунда ќе учествуваат вкупно 12 репрезентации, распределени во четири групи. На четирите победници од првата рунда им се приклучија и осумте репрезентации што квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година ги завршија на четвртото место во своите групи, а тоа се Данска, Романија, Швајцарија, Велика Британија, Кипар, Белгија, Австрија и Чешка. Г.И.