Основното јавно обвинителство Скопје побара од Основниот кривичен суд да им изрече мерки на претпазливост на тројца осомничени за напад врз малолетник во парк во населбата Маџари, пренесе МИА.
Според Обвинителството, тројцата на 22 јуни физички нападнале дете родено во 2011 година, удирајќи го со тупаници и клоци, при што му нанеле и расекотини по телото со нож.
Предложените мерки вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска за редовно јавување кај надлежно службено лице, како и привремено одземање на патната исправа.
Обвинителството бара и дополнителни забрани за осомничените – да не го посетуваат местото каде што се случил нападот, како и да не се приближуваат или да воспоставуваат каков било контакт со оштетеното дете и неговите родители.
Од Обвинителството информираат дека истрагата продолжува, при што се вршат вештачења на пронајдените траги и се преземаат дополнителни дејствија за целосно расчистување на случајот.


































