АТЛЕТИКА

На Првенството на Македонија во атлетика за сениори, кое викендов се одржа во Скопје, машката штафета на Македонија постави нов национален рекорд во дисциплината 4х400 метри, со време од 3:15:82 минути, со што го подобри досегашниот национален рекорд (3:20:69) за речиси пет секунди. Штафетата настапи во состав: Огнен Стефановски, Михаил Петров, Гилман Јунузи и Јован Стојоски. Со овој резултат, македонските репрезентативци остварија значаен успех и поставија нови стандарди во оваа дисциплина – информира Атлетската федерација на Македонија (АФМ).
На Првенството на Македонија, најдобрите македонски атлетичари и атлетичарки се бореа за титулите државни шампиони, како и за исполнување норми за претстојните меѓународни натпреварувања што ги очекуваат. Националното првенство уште еднаш потврди дека македонската атлетика располага со квалитетни натпреварувачи во сите дисциплини и претставува одлична увертира за она што ги очекува македонските репрезентативци на меѓународен план во иднина. Г.И.