СП 2026
- По изведувањето пенали, понатаму оди и Мароко, кој беше подобар од Холандија, додека Бразил со гол во судиското продолжение славеше со 2-1 против Јапонија
Парагвај ја шокираше Германија во Бостон (САД) по изведувањето пенали, славејќи со вкупен резултат 4-3 (1-1), за да го направи најголемото изненадување на Светското првенство (СП) 2026. Тоа беше голем триумф за јужноамериканската земја (рангирана на 41-то место на ФИФА) без излез на море, со седум милиони луѓе, опкружена со фудбалски гиганти како Аргентина и Бразил. И тоа беше најновото изненадувачко испаѓање на Германија (рангирана на 10-то место на ФИФА), четирикратниот светски првак, откако последен пат го крена трофејот во 2014 година.
Во единствениот нивен претходен меч на СП, Германија го победи Парагвај со 1-0 во осминафиналето во 2002 година. Речиси четврт век подоцна, Парагвај се одмазди.
– Мислам дека заслуживме уште еден натпревар, да бидам искрен, имајќи предвид што сѐ беше кажано и низ што сѐ поминавме. Она што сакам да го истакнам од нашиот тим е колку сме обединети. Ова беше натпревар што навистина ни требаше за да ги покажеме нашите вистински бои – рече Хосе Канале, стрелецот на победоносниот гол од пенал, пренесе АП.
Парагвајците славеа на улиците на главниот град Асунсион, скокајќи и прегрнувајќи се кога заврши натпреварот. Некои плачеа и паднаа на колена во неверување. Парагвај стана првата селекција што ја победи Германија во изведување пенали на СП. Германците промашија три од шесте обиди.
– Моравме да ги анализираме секој играч и секој детаљ. Благодарение на тоа успеав да одбранам само два пенала. Ова е за сите луѓе на Парагвај – рече голманот на Парагвај, Орландо Гил.
Германија победи во шест од седум изведувања пенали на големи турнири, вклучувајќи шест во низа откако загуби од поранешна Чехословачка во финалето на ЕП 1976 година во Белград.
– Кога ќе го напуштите Светското првенство откако ќе играте против Парагвај, многу е горчливо, многу е болно. Ова е трета елиминација по ред, па затоа повеќе не сме дел од првокласните тимови – рече селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман.
Парагвајците во следното коло ќе се соочат во осминафиналето со победникот од дуелот што се играше вчера меѓу Франција и Шведска во Филаделфија.
Мошне возбудлив натпревар, исто така, решен по изведување пенали беше виден меѓу Холандија и Мароко во Гвадалупе (Мексико). На крајот се радуваа Мароканците, кои славеа со 3-2 на пенали, откако по продолжението резултатот беше 1-1. Исмаел Саибари го постигна решавачкиот гол во пенал-рулетот, па Мароко најрано досега ја испрати Холандија да си замине дома од едно СП.
– Знаеме дека кога правиме сè на теренот, Бог е тој што ни враќа нешто. Ние ја даваме целата енергија што ја имаме на теренот. Голот на Рахими можеше да не биде гол, но, за среќа, влезе – рече селекторот на Мароко, Мохамед Уаби, пренесе АП.
Холандија стигна барем до осминафиналето на 11 претходни светски првенства, вклучувајќи го и четврт-финалето пред четири години во Катар, кога Мароко направи пробив и стана првиот тим од Африка што стигна до полуфиналето. На проширеното СП годинава, 32 екипи за првпат стигнаа до нокаут-фазата. Мароко сега ќе се соочи со кодомаќинот Канада во осминафиналето в сабота во Хјустон. Претходно тие ја победија Канада со 2-1 во групната фаза на СП во 2022 година.
Во втората половина од продолженијата, селекторот на Холандија, Роналд Куман, искористи една од своите замени за да го внесе Џастин Клајверт. Тој беше и еден од тројцата холандски играчи што го промашија пеналот.
– Последната замена што ја направив беше да го внесам Џастин, бидејќи тој е еден од најдобрите во изведувањето пенали. Но тој го промаши пеналот и тоа е уште погорчливо за него и за нас – рече Куман.
Бразил со драматична завршница славеше над Јапонија со 2-1, со што обезбеди пласман во осминафиналето на СП, а херој на „кариоките“ беше Габриел Мартинели, кој го постигна победничкиот гол во петтата минута од судиското продолжение. Патем постави и рекорд, оти неговиот гол е најдоцниот победнички гол во нокаут-фаза на едно СП, кој бил решен во регуларниот тек, односно без продолженија. Во осминафиналето, Бразил ќе игра против победникот од дуелот меѓу Норвешка и Брегот на Слоновата Коска, кои играа вчера.
Јапонците приредија изненадување во првото полувреме и поведоа во 29-та минута преку Каишу Сано, израмнувањето пристигна во 56. минута кога Каземиро ја затресе мрежата со удар со глава. Во шестата минута од дополнителното време, Бруно Гимараеш испрати прецизно додавање, а Мартинели рутински погоди за конечни 2-1 и за голема радост на Бразилците.
– Многу сум разочаран што мораме да го завршиме нашето учество на турнирот во оваа фаза, но играчите дадоа сè од себе, исто како што правеа во текот на целото патување до овој момент. А тренерскиот персонал работеше неуморно за да го поддржи тимот. Во моментов сум целосно скршен од срце бидејќи дадовме сè од себе, но сакам да го прифатам овој резултат и да го искористам за да станеме уште посилен тим – рече селекторот на Јапонија, Хаџиме Моријасу. Г.И.
Двојки, нокаут-фаза
Бразил – Јапонија 2-1
Германија – Парагвај 1-1 (3-4 пен.)
Холандија – Мароко 1-1 (2-3 пен.)
Вчера
БСК – Норвешка
Франција – Шведска
Денеска
Мексико – Еквадор 3 ч.
Англија – ДР Конго 18 ч.
Белгија – Сенегал 22 ч.


































