Премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи понуди на опозициската СДСМ да предложат амандмани со кои барат корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори и оти тие веднаш ќе им бидат прифатени, но, да ги повлечат другите амандмани и да го изгласаат Изборниот законик.
-Блокираат закон кој со месеци го договараа. Закон во кој им прифативме сѐ што предложија. Единственото нешто што побаравме е дијаспората да може да гласа по електронски пат уште на следните претседателски избори. Прво го прифатија, а денес го блокираат и бараат бледи алиби-аргументи. Ајде вака: предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ви ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик. Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори, во време кога во светот вештачката интелигенција ќе има клучна улога – напиша премиерот на Фејсбук.
Тој вели дека тие овојпат имаат шанса вистински и суштински да бидат за европската иднина на Македонија, не со менување на Уставот, туку со реформи.
-Истите тие кои ја крадеа, распродаваа и понижуваа Македонија, сега грчевито се борат да ја блокираат. Исплашени се дека, по декемврискиот извештај, сега и во јунскиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан повторно ќе бидеме најдобри… Но, имам лоша вест за нив и нивните коалициони леви партнери: Македонија ќе ве победи вас и вашите блокади. Повторно ќе добиеме најмногу буџетски средства и повторно ќе добиеме најмногу отворени фондови за финансирање на проекти – пишува премиерот Мицкоски на својот Фејсбук-профил.


































