ФУДБАЛ – ДОМАЌИНОТ ПИШУВА ИСТОРИЈА НА СП 2026
- Беше надреално затоа што никогаш порано не сум видел толку многу Канаѓани на фудбалски натпревар. Очите ми се насолзија, изјави капитенот на Канада, Алфонсо Дејвис, по победата над Јужна Африка
Неколку минути по последниот свиреж за историската победа на Канада против Јужна Африка на Светското првенство (СП) во фудбал 2026, селекторот на Канада, Џеси Марш, ги собра своите играчи во голема група и им упати неколку инспиративни збора. Тој рече дека тие се „канадски херои“ откако за првпат победија во нокаут-натпревар на СП и стигнаа до осминафиналето, совладувајќи ја со 1-0 селекцијата на Јужна Африка, која, пак, за првпат ја мина фазата по групи. Единствениот гол го постигна Стивен Еустакио во втората минута од судиското продолжение во второто полувреме.
– Иднината на спортот во оваа земја е огромна поради вас – изјави канадскиот селектор Марш, познат по грандиозните коментари со претерани емотивни набои за да обезбеди максимално влијание врз играчите.
Но неговите зборови овде звучат вистинито, спортот во Канада се менува, а државата станува фудбалска нација, пишува „Би-би-си“. Тоа беше целта што Марш си ја постави кога стана селектор на Канада пред две години, што во тоа време изгледаше многу неверојатно за земја чија прва љубов е хокејот на мраз. Мексико беше домаќин на првиот натпревар од ова СП, додека САД го организираат финалето. Затоа и вниманието беше многу поголемо кон тие две селекции во подготовките, оставајќи ја Канада како заборавен кодомаќин. Но Канада тивко си продолжи со својата работа, градејќи однатре интерес и страст за СП и за својата репрезентација.
Капитенот на Канада, Алфонсо Дејвис, навикнат на големи и луди по фудбал толпи што навиваат за Баерн Минхен, каде што тој игра, сепак ја забележа промената во Канада откако започна СП и рече дека плачел кога видел толку многу навивачи во Торонто облечени во црвено-бело за нивниот прв меч против БиХ.
– Беше надреално затоа што никогаш порано не сум видел толку многу Канаѓани на фудбалски натпревар. Очите ми се насолзија – рече Дејвис пред победата против Јужна Африка, пренесе „Би-би-си“.
Следен ривал на Канада на СП 2026 ќе биде победникот од дуелот меѓу Холандија и Мароко (играат денеска), што очигледно значи дека ги очекува тежок натпревар. Г.И.
Групната фаза на СП ја гледале во живо 4,6 милиони навивачи
Натпреварите во групната фаза на СП биле гледани во живо од 4.644.549 навивачи, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). За само 17 дена, првото СП со 48 екипи собра повеќе нации, играчи и навивачи од кога било досега во историјата, трансформирајќи во радост, тага, драма и незаборавен фудбал 72 меча низ 16 града домаќини. Според соопштението на ФИФА, на трибините имало 4.644.549 навивачи, а на стадионите биле изедени повеќе од 300.000 хот-дога.
Особено е интересен податокот дека на натпреварите на СП имало навивачи од дури 210 различни држави, додека 48 репрезентации учествуваат на СП. Досега на СП во 72 меча играле 999 фудбалери за 48 селекции учеснички во групната фаза, а вкупно 1.248 фудбалери биле регистрирани за настап на СП 2026. Секоја репрезентација има право да регистрира 26 играчи, вклучувајќи тројца голмани. По завршувањето на групната фаза, 16 селекции си заминаа дома, додека 32 го продолжија своето учество, пишува ФИФА.
Двојки, нокаут-фаза
Вчера
Бразил – Јапонија
Германија – Парагвај
Денеска
Холандија – Мароко 3 ч.
БСК – Норвешка 19 ч.
Франција – Шведска 23 ч.

































