Уште ова лето ќе се видат првите резултати од заштитата на македонскиот јазик во дигиталниот простор, зашто првата задача на Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“ ќе биде, во најголема можна мера да го дигитализира македонскиот дигитален јазичен корпус. И во таа смисла, ќе имаме производ — алатка што работи на македонски јазик, рече денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Одговорајќи на новинарски прашања по отчетот за сработеното во изминатите две години, Андоновски напомена дека втората фаза ќе почне од есен, со имплементација во петте клучни области: енергетиката, јавната администрација, културата, здравството и земјоделството.
-Во ерата на вештачката интелигенција, малите јазици немаат право на пасивност. Ако не е инвестирано во македонскиот јазик во дигиталниот простор, ризикуваме тој да биде потиснат од големите јазични модели и глобалните платформи. Затоа „Везилка“ не е технолошки проект, туку е проект за македонскиот јазик, македонското знаење и македонската дигитална иднина. Го формиравме и Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, во соработка со ФИНКИ. Ова е проект со вкупна вредност од 6,5 милиони евра, со поддршка од Европската Унија, во кој државата обезбеди поддршка од над 90 милиони денари. Целта е да се развие голем јазичен модел на македонски јазик, да се дигитализира македонскиот јазичен корпус и да се овозможи примена на вештачката интелигенција во енергетиката, јавната администрација, културата, здравството и земјоделството – напомена Андоновски.
ФИНКИ, во рамки на проектот, ќе соработува со државни институции во здравството, земјоделството, енергетиката,… за да им помогне да развиваат нивни процеси, внатрешни, базирани на вештачка интелигенција преку „Везилка“.
-Ќе имаме алатка што ќе чита податоци на македонски јазик и ќе произведува потребни резултати на македонски јазик. Да објаснам попластично: на порталот uslugi.gov.mk намерно не воведуваме алатки на вештачка интелигенција, зашто тие се базирани на некоја странска алатка. Со „Везилка“, кога ќе дојдете на порталот, веќе нема вие да пребарувате услуга, туку порталот ќе ве прашува — ќе биде агент или поддршка — што ви е потребно? И ќе стигнувате многу побрзо до посакуваната услуга наместо да пребарувате, а ние позадински ќе имаме анализи, податоци, информации како се движат нашите корисници низ овој портал. Ова е само една од примените што ги планираме, но очекувам ваква примена и во многу други институции- објасни министерот.
Во врска со лажните „фишинг“ пораки, Андоновски истакна дека единствен начин за справување е подигнувањето на свеста кај граѓаните.
-Ова е еден од недостатоците на дигитализацијата. Ако е позитивно сè со што зборував денеска – побрза администрација, потранспарентни институции, побрза услуга за граѓаните, помала корупција, недостатоците се во делот на обидите за кражба на информации и обидите со т.н. фишинг напади. Овие напади ќе продолжат да постојат. Постојат насекаде во светот, ќе постојат и кај нас. Дневно добивам на мојата мејл адреса пораки со фишинг пораки, наменети да го излажат системот, да го пробијат и да украдат податоци. Свесноста кај граѓаните дека ова се лажни пораки и дека се фишинг пораки што сакаат да украдат информации, е клучна. Ние и во наредниот период, и преку училиштата, но и преку МК-СЕЈФ (MKD-CIRT) ќе работиме на подигнување на свесноста. Тоа е единствениот лек. Не постои друг механизам на заштита на граѓаните, освен да бидат свесни дека не секоја порака што ја добиваат е вистинска, од вистински испраќач. Секогаш повторувам: прво се проверува испраќачот (да сме сигурни дека тој испраќач е тој), а потоа суштината на пораката — ја читате неколку пати да проверите дали навистина сте биле во таква ситуација, го познавате испраќачот, ја познавате пораката, да нема грешки во текстот (најчесто има грешки во текстот). Тоа се начините на коишто граѓаните можат да се заштитат – нагласи министерот Андоновски, пренесува МИА.



































