„Зрно фестивал“, во соработка со „Скопско лето“ и со поддршка на Министерството за култура и туризам, во КИЦ–Скопје ја постави изложбата „Малите нешта“ на данската фотографка и визуелна уметница Анне-Мет С. Сомер од Данска. По пресвртниот момент во 2017 година, кога во „Д фотограферс галери“ во Лондон ја посетила полароид-изложбата „Ин ен инстант“ на Вим Вендерс, Анне-Мет целосно се посветила на експерименталните полароид-процеси. Од тој момент, таа ја посветува својата уметничка пракса на експериментални полароид-процеси, развивајќи препознатлив визуелен јазик обликуван од текстура, трансформација и несовршеност. Нејзината работа била изложувана и национално и интернационално.
Изложбата претставува избор на дела што го следат нејзиниот уметнички развој – од серијата „Течни фустани“, создадена со техниката на полароид-емулзиски лифт, до понови истражувања. Серијата настанала од случајна грешка за време на работилница во Копенхаген во 2018 година, кога еден емулзиски лифт се деформирал при трансфер и добил форма налик на фустан. Наместо да го отфрли, авторката ја прифатила случајноста како творечки принцип. Денес серијата има 311 оригинални нумерирани дела и е изложувана во Норвешка, Данска, Германија, Швајцарија, Ирска и во САД. Оваа изложба обединува дела од најраните експерименти до најновите фустани создадени во 2026 година, нудејќи им на посетителите можност да ја следат уметничката еволуција на серијата низ времето.
Анне-Мет често го споредува процесот со јапонската уметност Кинцуги, каде што скршените керамички фрагменти повторно се составуваат со злато, дозволувајќи пукнатините и несовршеностите да станат дел од самата убавина.
На сличен начин, овие дела се појавуваат низ нарушување, распаѓање и реконструкција, резултирајќи со дела што се целосно уникатни и невозможно е да се повторат. С.Ј.


































