СП 2026

  • Пред да биде одигран нивниот синоќешен меѓусебен дуел, „Би-би-си спорт“ анализира колку е значаен нивниот придонес во репрезентацијата

Двајца од најголемите напаѓачи во светскиот фудбал, Норвежанецот Ерлинг Холанд и Французинот Килијан Мбапе, синоќа се соочија на стадионот во Бостон, каде што играа Норвешка и Франција. Двете селекции ги добија своите први два меча во групната фаза на Светското првенство (СП 2026) и без разлика на меѓусебниот резултат се пласираа во нокаут-фазата. Мбапе и Холанд постигнаа по два гола во двата први меча, со што имаат по четири гола на турнирот, додека Меси ја предводи трката за „Златната копачка“ со пет.
Пред да биде одигран нивниот синоќешен меѓусебен дуел, „Би-би-си спорт“ анализира колку е значаен нивниот придонес во репрезентација на СП 2026. Иако двајцата се клучни играчи за своите клубови, важноста на Мбапе и Холанд е уште поизразена на меѓународната сцена. Од август 2022 година, Франција победила во 69,8 отсто од натпреварите со Мбапе во тимот, во споредба со 50 отсто без него. Мбапе, водечкиот стрелец на Франција на сите времиња, исто така помага тимот да биде попродуктивен во нападот. Во тој период, Французите постигнале просек од 2,3 гола по меч со него во тимот, во споредба со 1,9 без него. Сепак, не е изненадување што Холанд е уште поважен за својата нација. Од август 2022, Норвешка победила во 64,5 отсто од мечевите со Холанд во тимот, а само 33,3 отсто без него.
И покрај целиот фокус на Меси, се чини дека е само прашање на време кога Мбапе ќе застане на врвот на листата на стрелци на мундијалите. Тој заостанува само два гола зад Меси, откако даде 16 гола на 16 настапи на мундијалите. Клучно е што Мбапе е 12 години помлад од Меси, кому ова веројатно ќе му биде последно СП, пишува „Би-би-си“.

Холанд игра на своето прво СП и е шестиот играч во историјата на мундијалите што постигнал повеќе голови на секој од своите први два настапа на турнирот и само втор што го сторил тоа во последните 50 години, по Хари Кејн за Англија во 2018. Неговата неодамнешна форма за Норвешка исто така е извонредна. Тој постигна голови на 12 меѓународни меча во низа, вклучувајќи неверојатни 16 гола на последните шест натпревари. Мбапе има дадено 60 меѓународни гола на 100 натпревари, но Норвежанецот е само еден гол зад него (59), и покрај тоа што одигра само 52 дуела за Норвешка, односно 48 помалку од Мбапе. Од август 2022 година, Мбапе учествувал во 44 отсто од погодоците на Франција, придонесувајќи со 33 гола и 17 асистенции. Во истиот период, Холанд придонел со 39 гола и четири асистенции, што претставува 43,9 отсто од головите на Норвешка. Франција, се разбира, има повисоки амбиции ова лето и е меѓу фаворитите за освојување на СП. Дури и самиот Холанд рече дека верува оти „сините“ ќе го подигнат трофејот. Сепак, со Холанд, би било невкусно да се стави ограничување на амбициите на Холандија, пишува „Би-би-си“. Г.И.