На 86-годишна возраст, денеска почина македонскиот просветен работник и фолклорист Иван Котев.
Станува збор за човек и професионалец, кој речиси шест децении неуморно трагаше по изворите на македонскиот фоклор, оставајќи неизбришлива трага во собирачката дејност, во проучувањето и афирмацијата на македонското народно богатство.
Иван Котев е роден во 1939 г., во селото Робово, Струмичко. До четврто одделение учел во родното село, а осумгодишно училиште во блиското село Муртино. Потоа се запишал во учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. По завршувањето на петгодишното школување, учителствувал во повеќе села во Македонија, претежно во Кочанско и во Струмичко. Педагошка академија, група Македонски со српскохрватски јазик, завршил во Штип, а по завршувањето на студиите извесно време работел како наставник по македонски јазик во с. Босилово и Дабиља, каде што подолго време ја вршел функцијата директор на училиштето. Во меѓувреме дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на југословенските народи со македонски јазик.

Како надворешен соработник на институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, интензивната собирачка и проучувачка дејност на фолклорот ја започнува во 1969 година и со истиот жар работеше се до неговото заминување.
Собрал повеќе илјади народни песни, приказни, анегдоти, кажувања, поговорки и др. Овие драгоцени изворни материјали се снимени на магнетофонски ленти, а голем дел од нив му е предаден на Институтот за фолклор во Скопје, кога своевремено оваа научна институција почна широка акција за собирање и регистрирање на фолклорното богатство од Македонија. Тогаш, како надворешен соработник на Институтот, тој собира фолклорни материјали од Струмичко и Малешевијата.
Покрај собирањето, со години работеше на средувањето на запишаните и сниманите материјали, со надеж дека барем некои од нив ќе бидат обнародени. Има објавено повеќе книги од областа на образованието и фолклорот. Настапувал на голем број домашни и меѓународни научни собири, симпозиуми и конгреси, со свои соопштенија и реферати. Соработувал со голем број електронски и печатени медиуми, пропагирајќи го нашето богато духовно културно наследство.
Коавтор е на три филмувани приказни што се снимени според народни приказни, кои ги снимил на теренот и ги дешифрирал. Библиографијата на Иван Котев се состои од над 180 библиографски единици. Во негова чест во 2019 година, ТВ Канал ВИС од Струмица, го продуцираше филмот „Мудроста на вековите“ чиј автор и режисер е новианрката Сузана Мицева.
Ф.Д.



































