Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави почеток на преговори за нов колективен договор и зголемување на платите во Армијата, истакнувајќи дека Владата паралелно работи на сервисирање на наследените финансиски обврски.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Мисајловски информираше дека од понеделник ќе започнат разговори со синдикатите за нов колективен договор, а од следната година се предвидува раст на платите и зголемување на вредноста на бодот за армискиот персонал.
– Од понеделник ќе седнеме со сите синдикати и ќе разговараме за нов колективен договор. Од следната година ќе има зголемување на платите во Армијата, ќе се зголеми бодот, а во наредните години ќе има и процентуален раст согласно буџетските можности – изјави Мисајловски.
Тој посочи дека Министерството за одбрана и понатаму се соочува со финансиски обврски од минатото, особено по основ на судски постапки.
– Секоја година се исплаќаат неколку илјади тужби кои се наследени од претходниот период – рече министерот.
Осврнувајќи се на буџетот, Мисајловски нагласи дека со актуелниот ребаланс приоритет е покривање на старите долгови, но истовремено се планираат и нови инвестиции за подобрување на капацитетите на Армијата.
На забелешките од пратеничката Славјанка Петровска за кратењата во буџетот на Министерството за одбрана и застојот во растот на основната плата, министерот одговори дека претходно бил потпишан колективен договор без обезбедени финансиски средства за негова реализација, што, според него, создало дополнителни обврски за институцијата.
Мисајловски уверува дека новиот колективен договор ќе биде резултат на договор со синдикатите и ќе има за цел подобрување на статусот и условите за работа на припадниците на Армијата.


































