Родителите на децата кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска доброволно ја напуштија судницата во КПУ „Идризово“, во знак на револт, откако одбраната побара изземање на обвинителката Наташа Сарамандова.
Пред медиумите, Александар Наунов изјави дека со текот на судењето се создава впечаток дека фокусот се префрла од суштината на случајот кон процедурални прашања, наместо кон утврдување на фактичката одговорност за трагедијата.
– Наместо повеќе одговори за тоа кој што знаел, кој контролирал и кој имал обврски да постапува, повторно гледаме прекини, приговори и атмосфера што на моменти повеќе личи на натпревар отколку на потрага по вистината – изјави Наунов.
Тој нагласи дека семејствата од првиот ден бараат само вистината да биде целосно утврдена преку изведување на доказите, додавајќи дека „за нашите деца нема втор обид“.
– Не смееме, и не смее да има ни за вистината – порача Наунов.
Мајката на загинатиот Томас, Јулија Златкова, исто така изрази незадоволство од барањето за изземање на обвинителката, оценувајќи дека тоа го забавува процесот и ја нарушува довербата на семејствата во постапката.
Таа истакна дека родителите имаат доверба во обвинителскиот тим и дека очекуваат постапката да продолжи без одложувања, со цел да се утврди одговорноста за трагедијата.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува во фаза на изведување материјални докази од Обвинителството. Одбраната претходно побара изземање на обвинителката, тврдејќи пристрасност при презентацијата на доказите, а за барањето треба да одлучува државниот јавен обвинител.
Во текот на денешното рочиште се очекува изведување на докази од друг јавен обвинител, при што Обвинителството продолжува со презентирање документација поврзана со почетокот на работењето на објектот и исполнувањето на минималните технички услови.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


































