Од училишни забрани за мобилни телефони до блокада на социјалните мрежи за малолетниците

  • Сè поголем број научни истражувања излегуваат во јавноста што укажуваат на поврзаност меѓу прекумерната употреба на дигитални технологии и проблемите со менталното здравје кај младите. Експертите предупредуваат на пораст на анксиозноста, депресијата, осаменоста и нарушувањата на вниманието. Дополнително, социјалните мрежи се поврзуваат со сајбер-малтретирање, нарушена самодоверба и изложеност на опасни содржини
  • Во време кога паметните телефони станаа речиси неразделен дел од детството на современите генерации деца и млади, сè повеќе влади низ светот преземаат радикални мерки за ограничување на нивната употреба. Нивните потези во оваа насока се заради загриженоста за идните генерации, и тоа по повеќе основи, најчесто здравствени, психофизички, меѓу кои и поради падот на концентрацијата, зголемената анксиозност, нарушувањата на спиењето… Зависноста од социјалните мрежи ги поттикнува државите да воведуваат правила, кои до пред неколку години беа незамисливи

Во текот на 2025 и 2026 година, хрватското Министерство за наука, образование и млади воведе и прошири ограничувања за користење мобилни телефони во училиштата. Според новите правила, во основните училишта практично е воведена целосна забрана за користење мобилни телефони во текот на училишниот ден, освен за образовни или здравствени потреби. Телефоните може да се носат на училиште, но мора да останат во торбите или на места определени од училиштето. Хрватскиот министер за образование, Радован Фукс, изјави дека причините за ваквите мерки се подобрување на концентрацијата, намалување на врсничкото насилство и заштита на психофизичкиот развој на децата. Според него, голем дел од училиштата веќе претходно имале сопствени ограничувања за телефоните. Засега Хрватска нема национална забрана за користење социјални мрежи од страна на малолетници, како што најавија или воведоа некои други држави. Сепак, во парламентот и стручната јавност се водат дебати за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи, а темата стана дел од пошироките политики за заштита на децата во дигиталниот простор.
А најновата земја што се приклучува на глобалниот тренд на забрана на користењето на мобилните телефони и социјалните мрежи за децата и младите е – Чешка. Имено, владата во Прага предложи закон со кој од септември 2027 година целосно би се забранила употребата на мобилни телефони во основните училишта, не само за време на наставата туку и во текот на одморите. Исклучоци би биле дозволени само во случаи на здравствени потреби или кога уредот е неопходен за образовни цели, и тоа со одобрение од наставникот. Но Чешка не е осамен случај. Напротив, таа станува дел од една поширока меѓународна офанзива насочена кон намалување на влијанието на дигиталните технологии врз децата и младите.

Училиштата како прва линија на одбрана

Во последните неколку години голем број држави заклучија дека мобилните телефони претставуваат сериозна пречка за образовниот процес.
– Полска веќе воведе ограничувања за користење телефони во училиштата, додека Холандија од почетокот на 2024 година забрани мобилни телефони, таблети и паметни часовници во училниците, освен кога се потребни за наставни активности или поради здравствени причини.
– Италија, која уште пред повеќе од една деценија почна да воведува ограничувања, дополнително ги заостри правилата и ги прошири забраните во поголем дел од основното образование. Слични мерки презеде и Јужна Кореја, каде што училиштата добија поголеми овластувања за контрола на употребата на дигиталните уреди.
– Во Франција, која често се смета за пионер на ваквите политики во Европа, уште од 2018 година учениците до 15 години не смеат да користат мобилни телефони во училиштата. Француските власти тврдат дека мерката придонела за подобра концентрација, помалку конфликти и поголема социјална интеракција меѓу учениците.

Од телефони кон социјални мрежи

Додека првите мерки беа насочени кон уредите, новиот фронт на битката се самите социјални мрежи. Имено, владите сè почесто сметаат дека проблемот не е само во телефонот туку во платформите, кои им го задржуваат вниманието на децата со часови. Алгоритмите дизајнирани да создаваат зависност, постојаниот притисок за споредување со другите и изложеноста на штетни содржини се наведуваат како главни причини за новите ограничувања.
Австралија направи историски чекор кога најави воведување строги старосни ограничувања за пристап до социјалните мрежи, со цел малолетниците да бидат заштитени од негативните психолошки последици на дигиталниот свет.
Во Велика Британија сè погласни се барањата за целосна забрана на социјалните мрежи за лица под 16 години. Британските експерти предупредуваат дека децата поминуваат повеќе време пред екран отколку во директна комуникација со врсниците, што може да има долгорочни последици врз нивниот емоционален и социјален развој.

Сè поголем број научни истражувања укажуваат на поврзаност меѓу
прекумерната употреба на дигитални технологии и проблемите со менталното здравје кај младите

Причината за ваквите политики лежи во сè поголемиот број научни истражувања, кои укажуваат на поврзаност меѓу прекумерната употреба на дигитални технологии и проблемите со менталното здравје кај младите. Експертите предупредуваат на пораст на анксиозноста, депресијата, осаменоста и нарушувањата на вниманието. Дополнително, социјалните мрежи се поврзуваат со сајбер-малтретирање, нарушена самодоверба и изложеност на опасни содржини. Според педагозите, училиштето треба да остане простор каде што децата ќе учат да комуницираат, да решаваат конфликти и да развиваат концентрација без постојани дигитални прекини.

Детство без паметен телефон?!

Иако мерките предизвикуваат дебати за слободата на избор и дигиталните права, трендот е јасен. Сè повеќе земји ја прифаќаат идејата дека детството не смее целосно да биде препуштено на алгоритмите и екраните. Од Европа до Австралија, владите испраќаат порака дека технолошкиот напредок мора да има граници кога станува збор за најмладите. Прашањето повеќе не е дали ќе има нови ограничувања, туку колку далеку ќе бидат подготвени да одат државите во обидот да ја вратат рамнотежата меѓу дигиталниот и реалниот свет. Во наредните години токму оваа дилема ќе биде една од најважните општествени и образовни теми, односно како да се искористат придобивките од технологијата без да се жртвуваат менталното здравје и развојот на новите генерации. Н.М.

Ангел Митревски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Хрватска


Што велат светските релевантни институции и експерти за забраните на мобилните телефони и социјалните мрежи?

Додека сè повеќе држави воведуваат ограничувања за мобилните телефони во училиштата и размислуваат за забрани на социјалните мрежи за малолетници, дебатата станува една од најважните образовни и здравствени теми на нашето време. Дали владите претеруваат или конечно реагираат на сериозен проблем? Одговорите ги побаравме во најновите истражувања и ставовите на највлијателните светски експерти за ментално здравје, образование и детски развој.

1. УНЕСКО

„Технологијата треба да биде во училницата само кога помага да се учи“

Најновите анализи на УНЕСКО покажуваат дека до крајот на 2024 година дури 79 образовни системи во светот вовеле законски или административни ограничувања за употреба на паметни телефони во училиштата.
Организацијата предупредува дека прекумерната употреба на дигитални технологии може да го намали вниманието, да ја наруши концентрацијата и негативно да влијае врз образовните резултати. Затоа препораката е јасна: технологијата треба да се користи само кога директно придонесува за учењето.
Токму на овие препораки денес се повикуваат Холандија, Франција, Италија и низа други земји што воведоа забрани или сериозни ограничувања.

2. Д-р Вивек Мурти, генерален хирург на САД

„Не можеме да кажеме дека социјалните мрежи се доволно безбедни за децата“

Во 2023 година, канцеларијата на американскиот генерален хирург издаде официјален здравствен советодавен документ во кој предупреди дека постојат сериозни индикации дека социјалните мрежи можат да претставуваат ризик за менталното здравје на младите. Во документот се наведува дека повеќе од една третина од тинејџерите користат социјални мрежи речиси постојано, додека научните докази за нивната безбедност сè уште се недоволни.
– Не можеме со сигурност да заклучиме дека социјалните мрежи се доволно безбедни за децата и адолесцентите – предупреди Мурти, повикувајќи ги владите и технолошките компании да воведат дополнителни заштитни механизми.
Неговиот став денес често се користи како аргумент од владите што воведуваат ограничувања во училиштата.

3. Џонатан Хајт, социјален психолог

„Паметниот телефон го промени детството повеќе од која билотехнологија во историјата“

Американскиот психолог Џонатан Хајт веројатно е најгласниот поддржувач на строги ограничувања за користење паметни телефони кај младите.
Во својата книга „Анксиозна генерација“ (Anxious Generation), Хајт тврди дека од 2012 година наваму, кога паметните телефони и социјалните мрежи масовно навлегоа во животот на младите, речиси паралелно се забележува драматичен пораст на анксиозноста, депресијата, самоповредувањето и осаменоста кај тинејџерите.
– На децата им треба детство засновано на игра, а не детство засновано на телефон – вели Хајт.
Тој предлага четири клучни мерки: забрана на паметни телефони во училиштата, ограничување на пристапот до социјални мрежи до 16-годишна возраст, поголема родителска контрола и поттикнување реални социјални контакти наместо виртуелни.

Консултирани повеќе детски психијатри од Македонија: Засега кај нас најголемиот проблем се зависноста и нарушувањето на вниманието!

Современите истражувања покажуваат дека проблемот не е само времето поминато пред екранот туку и начинот на кој социјалните мрежи се дизајнирани да им го задржат вниманието на корисниците, велат детските психијатри со кои се консултиравме.
– Младите што поминуваат повеќе од три часа дневно на социјалните мрежи покажуваат значително повисок ризик од симптоми на анксиозност и депресија во споредба со врсниците што ги користат умерено. Има едно предупредување базирано на научни истражувања. Имено, адолесцентниот мозок особено е чувствителен на социјални споредби, лајкови, виртуелно одобрување и онлајн притисок, што влијае врз самодовербата и емоционалната стабилност – велат нашите соговорници, при што унисоно се согласуваат дека треба да се преземат превентивни интегрални и повеќеслојни мерки за заштита на детското психофизичко здравје, почнувајќи од семејството, преку образованието, па сѐ до државните надлежни институции, кои имаат свои механизми и алатки.

Дали забраните се конечното решение?

Не сите научници сметаат дека забраните сами по себе ќе го решат проблемот. Дел од истражувањата укажуваат дека ограничувањето на телефоните во училиштата мора да биде придружено со поширока едукација, родителска вклученост и развивање здрави дигитални навики. Но дури и критичарите признаваат дека постои сериозен проблем со прекумерната изложеност на децата на социјалните мрежи и дека државите имаат право да интервенираат кога станува збор за јавното здравје.

Дали е ова почеток на нова ера на дигиталната иднина на генерациите што доаѓаат?

Кога Франција, Австралија, Холандија, Италија, Полска и сега Чешка воведуваат или најавуваат строги ограничувања, станува јасно дека светот влегува во нова фаза на односот меѓу децата и технологијата. Прашањето повеќе не е дали паметните телефони и социјалните мрежи влијаат врз развојот на младите. Прашањето е колку долго општествата ќе чекаат пред да постават јасни граници. Како што вели Џонатан Хајт, „најголемиот експеримент врз децата во историјата веќе се случи“. Сега, според многу влади и експерти, дојде време да се видат неговите последици – и да се реагира. Н.М.


Од уреднички агол

Наша должност е да ги заштитиме децата од информативното токсично зрачење од екраните

Понекогаш едно општество мора да собере храброст да си признае дека направило грешка. Денес, кога сè повеќе влади низ светот ги забрануваат мобилните телефони во училиштата и размислуваат за ограничување на социјалните мрежи за малолетници, станува јасно дека човештвото почнува да согледува една од најголемите заблуди на современото време, а тоа е верувањето дека неконтролираниот пристап до дигиталниот свет е безусловен напредок (?!).
Со години ги остававме децата сами пред екраните. Гледавме како часови и часови минуваат во бескрајно скролање, во виртуелни светови создадени од алгоритми, чија единствена цел е да го задржат вниманието што е можно подолго. Гледавме како се намалува концентрацијата, како расте анксиозноста, како исчезнува непосредната комуникација и како сè повеќе млади луѓе го градат својот идентитет според дигитални стандарди што немаат допирна точка со реалниот живот.
И предолго молчевме. Затоа денес не треба да се прашуваме дали забраните се престроги. Треба да се прашаме зошто толку долго чекавме да реагираме. Ова не е борба против технологијата, туку напротив. Технологијата е едно од најголемите достигнувања на човечката цивилизација. Но секоја алатка мора да има правила на користење, особено кога станува збор за децата. Како што не му даваме автомобил на десетгодишник, така не смееме без ограничувања да му препуштиме ниту дигитален свет што влијае врз неговиот мозок, емоции и развој. Одговорноста не смее да остане само на училиштата и наставниците. Потребна е мобилизација на целото општество. Родителите, образовниот систем, здравствените институции, научната заедница, медиумите и државата мора да дејствуваат како сојузници во една заедничка мисија.
Влогот е огромен. Зад ова прашање не стојат само оценките во училиште или бројот на часови поминати на интернет. Во прашање е генерацијата што утре ќе треба да носи одлуки, да создава нови вредности, да развива економија, да гради институции и да се соочува со предизвиците на светот што доаѓа. Ако денес не успееме да изградиме психички стабилни, образовани, емпатични и одговорни млади луѓе, утре нема да има кој да го носи товарот на развојот. Нема да има кој да ја создава иднината. Затоа ограничувањето на штетните дигитални влијанија не е прашање на мода, политика или идеологија. Тоа е прашање на опстанок и напредок.
Секоја генерација има своја голема задача. Нашата можеби е токму оваа. Да воспоставиме рамнотежа меѓу технологијата и човечноста. Да им ги вратиме на децата вниманието, играта, разговорот, книгата, спортот, пријателството и вистинскиот живот. Затоа што секое здраво дете денес е посилно општество утре. А секое општество што не ги штити своите деца, всушност се откажува од сопствената иднина. Р.Н.М.