Повод: Настапот на поранешниот министер за надворешни работи на Турција и поранешен шеф на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Мевлут Чавушоглу, на меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“
- Чавушоглу гласно го кажа она што Европа упорно се обидува да не го слушне и јасно изјави дека „од Македонија се бараше да го промени знамето, па името, а сега се бара да прифати дека не е македонска“… Пораката одекна многу подалеку од конференциската сала во Скопје
На меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“, која деновиве се одржа во Скопје во организација на кабинетот на поранешниот претседател д-р Ѓорге Иванов, меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и алумни-асоцијацијата на Школата за млади лидери, се собраа поранешни шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи и претставници на меѓународни организации од Европа и од Азија.
Меѓу многубројните говорници, еден настап особено го привлече вниманието на јавноста и дипломатските кругови. Поранешниот министер за надворешни работи на Турција и поранешен шеф на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Мевлут Чавушоглу, испрати порака што во суштина претставуваше директно преиспитување на политиката што Европската Унија со години ја води кон Македонија.
Неговата изјава беше чиста, педантно составена и недвосмислена: „Од Македонија се бараше да го промени знамето, па името и сега се бара да прифатат дека не се Македонци. Тоа е нечуено и спротивно на основните вредности на ЕУ“.
– Ова не беше обична дипломатска забелешка. Не беше ниту изјава на локален политичар, аналитичар или академик. Ова беше констатација изнесена од политичар со долгогодишно искуство на највисоките меѓународни сцени, човек што со години бил едно од најпрепознатливите лица на турската дипломатија и претставник на една од најзначајните држави во НАТО – велат наши соговорници, поранешни дипломати и учесници на меѓународната конференција.
Кога фактите ќе станат обвинение
Она што ја прави оваа изјава особено значајна е фактот што Чавушоглу не понуди политичка интерпретација, туку наброја факти.
– Сите знаат, но и многу молчат дека Македонија навистина го промени своето државно знаме. Македонија навистина го промени своето уставно име. И денес, во рамките на европскиот процес, се водат расправи и се поставуваат услови што директно навлегуваат во прашањата на националниот идентитет, историјата, јазикот и колективната самосвест. Оттука, неговата констатација добива многу поголема тежина од обична политичка критика. Таа претставува јавно артикулирање на една реалност што со години се чувствува во Македонија, но ретко кој меѓународен функционер бил подготвен толку отворено да ја формулира – ни изјавија нашите соговорници, искусни дипломати, кои присуствуваа на конференцијата во Скопје.
Сериозен прекор за Брисел
Во суштина, изјавата на Чавушоглу отвора едно непријатно прашање за Европската Унија. Доколку Унијата навистина се темели на принципите на еднаквост, достоинство и почитување на различностите, тогаш како е можно една држава кандидат да биде соочена со барања што директно засегаат елементи на нејзиниот национален идентитет?
– Неговите зборови можат да се сфатат како сериозен политички укор кон Брисел. Со години европските институции настојуваат процесот на проширување да го претстават како технички и реформски процес заснован на европски стандарди. Но случајот со Македонија одамна излезе од рамките на класичните преговори за владеење на правото, економија или институционални реформи. Во очите на многу набљудувачи, тој стана пример за политичко условување што ги надминува вообичаените критериуми за членство – рече во својот јавен настап поранешниот министер за надворешни работи на Турција и поранешен шеф на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Мевлут Чавушоглу.
Кога тоа јавно го констатира поранешен шеф на дипломатија на голема НАТО-држава, тогаш критиката повеќе не може лесно да се игнорира.
Порака и до Атина и до Софија
Не помалку значајна е и индиректната порака што произлегува од ваквиот став кон официјална Атина и Софија. Во последните три децении Македонија беше предмет на низа барања и условувања поврзани со прашања што ретко која друга европска држава би ги прифатила како тема за меѓудржавни преговори. Токму затоа изјавата на Чавушоглу добива дополнителна политичка тежина. Таа не е напад врз соседите, туку потсетување дека европските интеграции не смеат да се претворат во механизам преку кој една нација ќе биде доведена во позиција постојано да ја докажува сопствената историска и национална легитимност.
Глас на стратегиски партнер што одекна надвор од салата
Чавушоглу не зборуваше за конфронтација. Напротив, тој јасно нагласи дека Турција е за соработка и против создавање нови поделби на Балканот. Тој ја потврди подготвеноста на Анкара да ги поддржи сите иницијативи за мир, безбедност и економска соработка во регионот. Но токму затоа неговите зборови имаат уште поголема тежина. Кога политичар што настапува од позиција на регионална стабилност и соработка јавно ќе каже дека барањето една држава да се откаже од сопствените идентитетски обележја е „нечуено“ и „спротивно на европските вредности“, тогаш тоа станува порака што ја надминува дневната политика.
Македонија како тест за европската кредибилност
Настапот на Мевлут Чавушоглу на конференцијата во Скопје ќе остане запаметен не само поради јасноста на неговата порака туку и поради фактот што повторно го отвори суштинското прашање: Каде завршуваат европските критериуми, а каде започнува политичкото условување? Во момент кога довербата на македонските граѓани во европскиот процес е сериозно разнишана, неговите зборови претставуваат ретка меѓународна потврда на чувството дека Македонија во изминатите децении беше изложена на барања што немаат преседан во современата европска политика. Затоа пораката од Скопје не беше само порака до Македонија.
– Тоа беше порака до Брисел. Порака до Атина. Порака до Софија. И тоа порака од нашиот стратегиски партнер со потсетување дека „Европа не може убедливо да зборува за вредности ако дозволи тие вредности да важат различно за различни народи“ – заклучуваат нашите соговорници. П.Р.


































